Потпишани првите 13 договори за набавка на трактори преку ИПАРД 2


Скопје, 21 јуни, 2018 - 13:54 (META) 

Денеска се потпишаа првите 13 договори од вкупно 692 потенцијални корисници на средства од ИПАРД 2 Програмата. Вкупната поддршка за набавка на трактори од ИПАРД 2, е околу 5,8 милиони евра. Од нив над 1,4 милиони евра се од Националното финансирање, додека близу 4,3 милиони евра се европски пари, информира Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Раководителката на Секторот за оперативни работи на Делегацијата на ЕУ во Македонија, Вирве Вимпари, посочи дека ЕУ ќе ја продолжи поддршка за македонското земјоделство.
– Ова е можност да се покаже дека можете да ги користите средствата и да ги користите истите суми кога ќе бидете рамноправна членка на Европската Унија. Ние сме партнери во имплементацијата на ИПАРД и ќе продолжиме да ви даваме поддршка, со цел фармерите да имаат можност да пристапат до овие 60 милиони евра кои се програмирани за периодот 2014 – 2020 година. Ова го гледам како можност за натпревар на фармерите и на граѓаните на Европскиот пазар – рече Вимпари.

Директорот на Агенцијата за финансиска поддршка и развој на земоделството,  Николче Бабовски изјави дека во наредниот период ќе продолжи потпишувањето на сите договори кои имаат целосни апликации.

– Покрај овие 692 договори, во Агенцијата деновиве ќе се потпишат и 240 договори на оние апликанти кои ги исполниле условите за набавка на земјоделска механизација, но, кои во себе не вклучуваат набавка на трактор. Најголем дел од апликации има од Пелагонискиот, Вардарскиот а по нив следат југоисточниот, североисточниот и југозаоадниот регион. Со помош на новите машини ќе создадеме конкурентни земјоделци, зголемено производство и извоз на земјоделски култури – објасни Бабовски.

За оваа година се планирани нови повици преку ИПАРД 2, на кој индивидуалните земјоделци и агрокомпаниите ќе можат да аплицираат за финансиска поддршка.


Информативни сесии низ Македонија за повикот за грантови за проектот „КриТинк“


Скопје, 8 јуни, 2018 - 15:31 (META) 

Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“ и „Евротинк“ – Центар за европски стратегии ги покануваат заинтересираните локални граѓански организации и медиуми да учествуваат на информативни сесии за Програмата за мали грантови во рамките на проектот „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – КриТинк“, поддржан од Европската Унија.

Конкурсот за мали грантови е првиот од двата циклуса на Програмата за мали грантови и е објавен на 1-ви јуни, а ќе биде отворен до 6-ти јули 2018 година. Во рамките на првиот циклус е предвидено да се доделат 8 грантови со кои ќе се поддржи по еден проект од 8-те плански региони во Македонија. Вкупниот буџет за грантови во првиот циклус изнесува 50.000 евра, односно ќе бидат доделени поединечни грантови во износ помеѓу 5.000 и 7.000 евра.

Детални информации за проектот и Програмата за мали грантови се достапни на веб-локациите на партнерите и на веб-локацијата на проектот http://crithink.mk/

Основна цел на проектот е да промовира медумска писменост како основа за зачувување на правото на граѓаните да имаат различни мислења, преку стимулирање на култура за критичко мислење, плурализам на мислења и демократски вредности.

Специфичните цели на проектот се:

  • Да се поттикнува култура на критичко размислување преку едукација на општата јавност за штетните ефекти на медиумските манипулации врз демократијата и европските вредности.
  • Да се зголемат капацитетите на граѓанските организации и медиумите да се справуваат со медиумски манипулации (вкл. и говор на омраза) преку подобрување на медиумската писменост во содејство со државните институции.
  • Да се зголеми побарувачката од граѓаните за поголема отчетност и одговорност на медиумите преку јавно неформално образование, промоција на професионалните стандарди и меѓународните практики за заштита на слободите на мислење и изразување

Со цел да ја приближат и да ја дообјаснат Програмата за мали грантови и самиот проект до сите заинтересирани, „Метаморфозис“ и „Евротинк“ организираат информативни сесии  во градовите од 8-те плански региони во Македонија.

MacedoniaMap.Mk

Ова е распоредот на информативните сесии:

Град Датум и час Локација на настан
Тетово 11.06.18г; 10:30ч. НВО Лоја, ул Илинденска бр. 18А
Струга 11.06.18г; 15:30ч. х. Дрим
Битола 12.06.18г; 11:00ч. Младински културен центар, Битола, ул. Цар Самоил бр. 29
Велес 12.06.18г; 15:30ч НВО центар, ул. Трајче Панов бр. 22
Куманово 13.06.18г; 12:00ч општина Куманово
Штип 14.06.18г; 11:00ч х. Оаза
Струмица 14.06.18г; 16:30ч Центар на заедниците
Скопје 19.06.18г. 11:00ч Граѓански ресурсен центар, бул. „Св. Кирил и Методиј“ бр. 50 (во близина на ЕУ Инфоцентар)

Детални информации за проектот и Програмата за мали грантови се достапни на веб-локациите на партнерите и на веб-локацијата на проектот http://crithink.mk/


Јапонија додели девет грантови за здравствени установи и училишта


Скопје, 9 март, 2018 - 11:18 (META) 

Амбасадорката на Јапонија во Македонија, Кеико Ханеда со девет јавни институции потпиша договори во вредност од 428.066 евра, информираат од амбасадата на Јапонија.

Грантовите се доделиле на пет јавни здравствени установи и четири општински основни училишта во рамките на програмата „Грант-помош за поддршка на мали проекти за човекова безбедност“ (ГГП).

ГГП е дел од Официјалната развојна помош (ODA) на Владата на Јапонија која обезбедува поддршка на земјите во нивното остварување одржлив социо-економски развој на локално ниво. Поддршката е наменета за јавни установи, како што се училишта и болници, но и други непрофитни организации.

На свеченоста по повод потпишувањето на договорите присуствувале и вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи, министерот за здравство, Венко Филипче и министерката за образование и наука, Рената Дескоска, добитници на грантовите, градоначалници, официјални претставници на владата и локалните власти, и директорите на планските региони.

„За прв пат, потпишувањето на ГГП грантови се одржа со учество на високи владини претставници со што се потврдува континуираното зајакнување на односите помеѓу Јапонија и Македонија“, се додава во соопштението од амбасадата.

Јапонија ја спроведува програмата за мали грантови во земјата од 1996 година, а доделената помош изнесува повеќе од 6 милиони евра. Со овие грантови, реновирани се повеќе од 60 училишта, набавена е опрема за 40 здравствени установи, а доделени се и повеќе од 20 специјализирани возила за јавните претпријатија. Во Македонија досега се доделени околу 420 милиони евра преку различни програми од Јапонија.


Пет општини ќе добијат грантови од 120.000 евра од УНДП


Скопје, 8 февруари, 2018 - 14:21 (META) 

Програмата за развој на ОН, УНДП, денеска потпиша меморандум со градоначалниците на општините Гостивар, Кавадарци, Куманово, Ресен и Струмица за учество во Програмата за грантови за поддршка на партнерство на општините со граѓанските здруженија.

Преку оваа програма ќе се финансираат приоритетни проекти за потребите на жителите на општините, со посебно внимание на ранливите и маргинализираните групи. Во следните две години УНДП во секоја од овие пет општини ќе додели 120.000 евра за грантови, а првите повици се очекува да бидат објавени во март 2018 година, со приоритет на проектите за  ранливите групи, проектите што промовираат родова еднаквост и човекови права, како и зајакнување на социјалната кохезија и заштита на природата.

Програмата предвидува и општините да учествуваат со свои пари во финансирањето на граѓанските здруженија. Проектот е финансиран од Европската Унија со 845.000 евра.


Три милиони евра за поттикнување на конкурентноста и ЕУ-реформи


Скопје, 6 февруари, 2018 - 15:37 (META) 

Денеска во ЕУ-инфоцентарот се одржа промоција на договорите за грантови од ИПА-2013 за проекти „Зголемување на конкурентноста во Република Македонија“ и грантови за „Зголемено учество на граѓанскиот сектор во реформите поврзани со интеграцијата во ЕУ“.

Беа потпишани 25 договори за реализација на проекти со невладини организации, а вкупната вредност на неповратните средства за грантовите изнесува над 3 милиони евра.

– Сметам дека учеството на граѓанскиот сектор во креирање на владините политики, како за конкурентноста на македонската економија, така и за реформите поврзани со интеграцијата во ЕУ, е особено важно. Заедно со невладините организации ќе работиме да креираме конвергентен процес, за постигнување на максимални резултати во интерес на граѓаните  – рече вицепремиерот Кочо Анѓушев.

Раководителот на Секторот за соработка во Делегацијата на Европската Унија, Никола Бертолини рече дека владините институции вложиле голем напор со цел да се обезбедат овие грантови, да се запазат сите предвидени рокови и дека е направен чекор напред, бидејќи претходните години средствата наменети за вакви проекти останувале неискористени.

– Делегацијата на Европската Унија минатата година година имаше наменето 122 милиони евра за поддршка на Македонија, од кои се искористени 70 милиони евра, а ќе продолжиме да работиме со централните и локалните власти, за да и помогнеме на Македонија во пристапувањето кон Европската Унија – истакна Бертолини.

Десетте проекти кои се поврзани со конкурентноста на македонската економија ќе се реализираат во наредните 24 месеци, додека преостанатите 15 проекти за зголемување на учеството на граѓанскиот сектор во реформите повразни со интеграцијата во ЕУ, ќе се спроведуваат во период од 18 месеци.

Од вкупните средства 1,38 милиони евра се наменети за поттикнување на конкурентноста, а 1,63 милиони за ЕУ-реформите.


Доделени грантови на 18 организации од шест земји во рамки на проектот „Актион СЕЕ“


Скопје, 15 септември, 2017 - 16:00 (META) 

Вкупно 18 граѓански организации од шест држави добија грантови за имплементација на проекти во времетраење до шест месеци. Организациите од Македонија, Србија, Албанија, Косово, Црна Гора и од Босна и Херцеговина, во наредниот период ќе адресираат горливи прашања од локален и од национален карактер за да се унапредат доброто владеење и владеењето на правото.

Грантовите се наменети за локални граѓански организации, а се доделени во рамки на проектот „ACTION SEE – Одговорност, технологија и мрежа на институционална отвореност во Југоисточна Европа“, спроведуван од Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“ во партнерство со „Вестминстер фондација за демократија“ од Велика Британија, Центар за истражувања, транспарентност и отчетност (ЦРТА) од Србија, Граѓанска асоцијација „Зошто не?“ од Босна и Херцеговина, Центар за демократска транзиција (ЦДТ) од Црна Гора, „Опен дата – Косово“ и Движењето „Доста!“ од Албанија, а со финансиска поддршка од Европската Унија.

Добитници на грантовите во Македонија се Здружението за промоција и развој на инклузивно општество „Инклузива“, Институт за стратешки истражувања и едукација (ИСИЕ), „Профицио“ и „Заеднички вредности“.


Сугарески се пофали со 188 милиони евра грантови обезбедени за 100 дена


Скопје, 9 септември, 2017 - 17:10 (META) 

За само 100 дена успеавме да обезбедиме 188,4 милиони евра грантови – неповратни средства за подобрување на патната, железничката и на комуналната инфраструктура, рече министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, денеска во своето обраќање до јавноста по повод 100 дена на функцијата.

Тој рече дека би можел со часови да зборува за ситуацијата што го затекнала него и неговиот тим по стапувањето на функцијата, но нема намера да зборува за тоа.

– Но, денеска нема да зборувам за лажните ветувања на претходната влада, ниту пак ќе се жалам. Едноставно, тоа не сум јас и тоа не е мојот стил на работа. Заедно со мојот тим ги детектиравме аномалиите и се фативме во костец со проблемите. Се посветивме на наоѓање решенија, притоа не обрнувајќи внимание на критиките на тие што имаа 10 години на располагање да покажат што знаат и умеат. Не е наше да се занимаваме со тие што ја изгубија довербата на граѓаните и ги изневерија очекувањата, наше е да сработиме и да исполниме тоа што сме го ветиле – рече Сугарески.

Тој порача дека Република Македонија станала дел од Транспортната заедница, составена од земјите од Западен Балкан и ЕУ, како и со воведување нови авионски линии. Рече и дека е работено за успешно заокружување на проектот за легализација на дивоградби преку воведување на принципот на праведност и на достапност до сите граѓани еднакво.

Сугарески се пофали со 131 милион евра неповратни средства од ЕУ за доизградба на пругата кон Бугарија, односно 70 милиони евра на самитот во Трст за делницата од Бељаковце до Крива Паланка и преку Оперативната програма за транспорт 2014-2020 од Европската Унија, уште речиси 61 милион евра за последниот дел, односно делницата од Крива Паланка до Деве Баир.

– Со меморандумот што го потпишавме со Министерството за транспорт и комуникации на Бугарија се обврзавме и двете земји најдоцна до 2027 година да имаме изградено комплетно нова пруга со што ќе го засилиме економскиот развој на регионот – рече Сугарески.

Тој ја спомена и изградбата на пругата од Битола до Кременица, како и повеќе патишта, односно, како што рече, отстранети се проблемите и ќе продолжат изградбите на експресните патишта и автопатиштата, како и патишта од понизок ранг.


Владата со 800.000 евра ќе финансира граѓански здруженија и фондации


Скопје, 30 март, 2017 - 16:43 (META) 

Владата на Република Македонија денеска објави оглас за финансиска поддршка, во вкупен износ од 50 милиони денари, односно околу 800.000 евра, на активности на здруженија на граѓани и на фондации.

Според огласот, објавен во весникот „Дневник“, грантовите се поделени во две категории.

Грантови во износ од 1.845.000 денари (30.000 евра) до 3.075.000 денари (50.000 евра) или вкупно 36,9 милиони денари или 600.000 евра ќе се доделат на проекти за борба против корупцијата, владеење на правото, демократија, човекови права, добро владеење, социјална кохезија и локална самоуправа. Освен за вакви, Владата ќе доделува грантови и за проекти од областа на здравството и здравиот начин на живот, економски развој, одржлив развој, рурален развој, култура и традиции, потоа проекти за млади, семејство и семејни вредности, како и за евроинтеграции, нови технологии, социјални медиуми, нови медиуми и информатички технологии.

Втората категорија, за која се предвидени помали грантови од 5.000 до 10.000 евра, или вкупно 213.000 евра, се проекти за зголемување на економскиот пораст и на вработеноста, за интеграција на Македонија во Европската Унија и во НАТО, бескомпромисна борба против корупцијата и криминалот и ефикасно спроведување на правото, и за проекти за инвестирање во образованието, иновациите и во информатичката технологија.

Овој оглас практично пред три месеци го најави поранешниот премиер и актуелен лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, во „мегаинтервјуто“ за интернет-изданието на неделникот „Република“.

– Секоја влада во секоја држава одвојува посериозни средства за граѓанскиот сектор, без притоа да влијае на неговата работа. Кај нас, потфрливме на тој план, и тоа е секако првата, а би рекол и најважна мерка во планот за десоросиозација на општеството како што кажавме во нашиот предлог. Мора да се најдат средства, да се помогне да се развие независен граѓански сектор во Македонија. Не смее граѓанскиот сектор во иднина да остане само во рацете на Сорос и на странски влади – изјави Груевски во интервјуто.

Огласот на Владата за финансирање на граѓански здруженија и фондации доаѓа и три и пол месеци по говорот на Груевски на протестот пред Државната изборна комисија, од каде го објави прогласот на партијата и најави „десоросоизација“ на невладиниот сектор во земјава.

– Ќе се бориме за десороизација на Република Македонија и за зајакнување на независен граѓански сектор кој нема да биде под ничија контрола. Ќе се пристапи кон регулирање на областа на финансирање на фондациите и НВО, по теркот на најнапредните демократии во светот – рече тогаш Груевски.

Инаку, огласот доаѓа и во време на влада чии овластувања се доведени под знакот на сомнеж, бидејќи е предводена од технички премиер, кој како и дел од министрите истовремено се и во извршната власт и се пратеници во Собранието на Република Македонија.


Јапонската влада додели грантови за шест проекти во висина од 368.626 евра


Скопје, 13 март, 2017 - 12:59 (META) 

Јапонската влада додели грантови од 368.626 евра за шест проекти во Македонија, во рамките на програмата „Грант-помош за поддршка на мали проекти“(ГГП), основана од Владата на Јапонија.

Тојоказу Кубота, в.д. амбасадор во Амбасадата на Јапонија во Скопје рече дека ова е најголемата сума во последните десет години што е издвоена за ГГП во Македонија за една година.

– Убедени сме дека сите институции совесно ќе ги искористат средствата од грантовите за исполнување на поставените цели на проектите. Амбасадата на Јапонија во Скопје е подготвена да им помогне во нивните напори, а лично со нетрпение очекувам да ги посетам локациите на завршените проекти – изјави Кубота.

Парите се наменети за рехабилитација на две училиушта, за механизација за превенција од поплави, за медицинска апаратура, за амбулантно и за противпожарно возило.

Оваа програма во Македонија се спроведува во 1996 година и досега се реализирани повеќе од 100 проекти низ целата земја, со вкупен износ од околу шест милиони евра.


Фондот за иновации ги повикува компаниите да аплицираат за грантови до 30.000 евра


Скопје, 21 февруари, 2017 - 14:56 (META) 

Фондот за иновации и за технолошки развој ги повикува заинтересираните компании да аплицираат до 3 мај годинава, за грантови до 30.000 евра.

Директорката на фондот, Јасмина Поповска, соопшти дека покрај за иновативни компании со овој повик предвидена е и поддршка за десет микро, мали и средни претпријатија, кои сакаат да направат комерцијализација и иновација, кои веќе имаат некаков прототип и со поддршка на фондот сакаат да настапат на пазарот.

– За овој тип поддршка, предвидени се 100.000 евра по проект и тука очекуваме дека десет компании ќе бидат поддржани. Фондот интензивно работи со корисниците и за време на имплементација на средствата, зашто не е лесно откако ќе ја добијат идејата, таа да се преточи во готов производ и да се најдат потенцијалните купувачи. Затоа им даваме техничка помош, консултантски и менторски услуги за да им олесниме подобро да опстанат и по завршување на поддршката од фондот – рече Поповска.

Преку фондот и Владата во изминатиот период се распределени 1,5 милиони евра директна поддршка за иновациите во Македонија.