Амбасадорот Гир и министерот Сали ја презентираа донацијата со опрема за транспорт и складирање на вакцини против ковид-19

Фото: Делегација на Европската Унија

Шефот на делегацијата на Европската унија, амбасадорот Дејвид Гир и министерот за здравство Беким Сали во средата ја презентираа опремата за транспорт и складирање на вакцини против ковид-19 и други вакцини.

Евроамбасадорот Гир изјави дека пандемијата на ковид-19 имаше големо влијание врз цела Европа. Тој и министерот Сали ја искористија приликата да се заблагодарат на здравствените работници кои неуморно работеа за време на пандемијата на коронавирусот.

„Европската Унија беше покрај вас во текот на целиот овој процес во обезбедување на повеќе од 241 милион евра во итна медицинска помош за справување со ковид-19. Од медицинска страна, исто така вклучува испорака на опрема што живот значи, вклучително и 25 механички вентилатори, 35 комплети на медицинска опрема и над два милиони лична медицинска заштита. ЕУ има испорачано стотици илјади вакцини, а денес Северна Македонија прима опрема за транспорт и складирање на самите вакцини“, рече Гир.

Набавката на опремата, како што соопштија од канцеларијата на ЕУ во земјава, е финансирана од ЕУ како дел од нејзината континуирана поддршка за здравствениот сектор на Северна Македонија и солидарноста со земјата во борбата против пандемијата КОВИД19.

Помошта EU4Health е дел од пакетот од 70 милиони евра за Западен Балкан, усвоен од Европската комисија во декември 2020 година. Од нив, 8,2 милиони евра се директна поддршка за Северна Македонија, само во форма на стотици илјади вакцини и опрема за олеснување на процесот на вакцинација, односно 58 фрижидери, 50 лаптопи, 1 000 медицински столчиња, 1 000 маси, 212 пластични сепаратори и 5 возила за транспорт на вакцини. Опремата што денеска ја презентираа амбасадорот Гир и министерот Сали ќе го олесни транспортот и складирањето и на вакцините против ковид-19 и на секаков вид вакцини.

Европската унија придонесе за механизмот COVAX со што го олесни пристапот до вакцини ширум светот. Солидарноста и грижата за Северна Македонија се покажа уште од почетокот на пандемијата на ковид-19 преку помошта и на здравствениот и на економскиот сектор со 241 милион евра.

Итна помош беше доставена пролетта 2021 година и вклучуваше испорака на 25 вентилатори, 35 000 парчиња медицинска опрема и над 2 милиони парчиња лична заштитна опрема.

„Социо-економските последици беа паралелно ублажени преку поволни заеми (160 милиони евра) и грантови (64 милиони евра) за приватниот сектор за да се помогне да се задржат бизнисите и да се зачуваат работни места. Дополнително, ЕУ ја вклучи Северна Македонија во системот за дигитални сертификати за ковид-19 со што се олеснија ограничувањата во врска со ковид-19 за патување кон ЕУ“ изјавија од канцеларијата на ЕУ.

Што се однесува до идната помош за здравствениот сектор, ЕУ најави дека ќе инвестира дополнителни 18,5 милиони евра во здравствената заштита на мајките и новороденчињата, раната дијагностика и превенција на ракот и дигитализацијата на управувањето со здравствениот систем за да обезбеди попаметна употреба на јавните средства.