Националниот младински совет додели 10 грантови на социјални претпријатија

Извор на фотографија: НМСМ

Во рамки на проектот „Социјално претприемништво за младинско вработување″ поддржан од Европската Унија, Националниот младински совет на Македонија (НМСМ) додели 10 грантови на компании, граѓански организации и новоформирани иницијативи кои во следниот период ќе формираат свои социјални претпријатија, информираат од НМСМ.

Денеска во просториите на Млади Хаб во Скопје се одржа неформален настан на кој Националниот младински совет на Македонија и претставници на социјалните претпријатија ги потпишаа договорите за грант.

Доделените грантови, во висина до 11.000 евра по грант, ќе се реализираат во наредните 12 месеци (1 октомври 2022 – 1 октомври 2023 година) и ќе делуваат кон намалување на стапката на невработеност на млади лица, зголемување на бројот на инклузивни даватели на социјални услуги водени од млади, зголемена проодност на ранливи категории на млади на пазарот на труд како и на зајакнати капацитети на вработените во социјалните претпријатија.

Во продолжение прочитајте повеќе за добитниците на грантови и за нивните претстојни активности:

  • Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој „Паблик“ во следниот период ќе работи на економско зајакнување и развој на социјалното претпријатие „Лице в лице“ преку унапредување на услугите кон млади и ранливи млади лица и зголемување на учеството на млади лица во работата на претпријатието.
  • Фондација за развој на локалната заедница – Штип во следниот период ќе нуди поддршка на младите за развивање на работни и претприемачки вештини, преку воспоставување на одржлив локален механизам за искористување на текстилниот отпад.
  • Социјалното претпријатие Бренд Солушн ДООЕЛ преку платформата bestonlineassistant.com ќе нуди пристап до едукација за најбараните вештини на пазарот на трудот, можности за запознавање со можностите за работа од дома и директна можност за вработување на лицата со попреченост, што директно влијае на намалување на невработеноста кај оваа група на сограѓани.
  • Здружението на граѓани Ековита – Неготино ќе воспостават сервис за одгледување печурки, преку кој ќе се обучат и вработат млади невработени лица и лица од социјално загрозени категории.
  • Здружението на граѓани ГРИТ Пробиштип ќе организираат ритрити за социјално одговорни компании, преку кои ќе финансираат програма за стипендирање и поддршка на жени (15-29 години) во социјален ризик за отстварување на личниот потенцијал преку алатки како јога и психолошки вежби.
  • Здружение на граѓани Зип Институт за политики и добро владеење Скопје, во соработка со Семејното советувалиште Сарај и Општина Сарај, ќе работат на зголемување на вработливоста за корисниците на социјалната услуга “Семејно советувалиште Сарај” преку нивно вклучување во постојниот социјален бизнис Комби Кафе.
  • Иницијативата VR Labs во следниот период ќе работат на развој на вештини при изучување на занаети со примена на виртуелна реалност. Дел од вештините на коишто ќе работат се фарбање и лакирање на автомобили, каросериски поправки како и поправки на пластични каросериски делови.
  • Социјалното претпријатие „Камп“ ќе нуди едукација и целодневен престој за деца и млади, чија цел ќе биде запознавање на децата со природата како и поттикнување на активен, здрав живот и зачувување на природата.
  • Социјалното претрпијатие DIA, ќе креира апликација која ќе нуди поддршка на лица заболени со дијабетес, можност за поврзување со заедницата и лесен пристап до основни информации, производи и услуги за лица со дијабетес, како и зголемена едукација поврзана со оваа област.
  • Инклузивната музичка школа за деца и младинци во следниот период ќе овозможи простор за инклузивен раст и развој на деца и млади. Школата ќе нуди специјалзирана настава за лица со попречености преку соработка со дефектолог и ментор за инструмент.