СМАРТ Балкан проектот додели 11 регионални грантови на граѓански организации

Конференцијата ја отвори амбасадорката на Кралството Норвешка за Србија, Црна Гора и Северна Македонија, Кристин Мелсом, која во своето поздравно обраќање даде осврт на важноста која ја има граѓанското општество во градењето регионална соработка помеѓу земјите од регионот

-

Започна дводневната регионална конференција „СМАРТ Балкан – Граѓанско општество за поврзан Западен Балкан“ на тема „Мир и просперитет во Западен Балкан: Што му се заканува на регионот и како да се искористат можностите”. Доделени се единаесет регионални грантови во вкупен износ од 18,542,365 норвешки круни и дополнителни 4,831,800 норвешки круни за оперативни грантови за граѓански организации од Македонија, Србија и Црна Гора.

Во фокусот на СМАРТ Балкан е зајакнување на партиципативната демократија и евроатланската интеграција во Западен Балкан, преку зајакнување на граѓанските организации и мрежи во регионот и нивно поактивно учество при градењето на мирно и инклузивно општество, а со цел одржлив развој.

Конференцијата ја отвори амбасадорката на Кралството Норвешка за Србија, Црна Гора и Северна Македонија, Кристин Мелсом, која во своето поздравно обраќање даде осврт на важноста која ја има граѓанското општество во градењето регионална соработка помеѓу земјите од регионот, а со цел постигнување стабилност и просперитет во Западен Балкан.

„Владите и граѓанските општества се столбовите на демократијата. Отворениот дијалог придонесува за инклузивни и информирани јавни дебати, придвижувајќи го општеството напред. Регионалната соработка е камен-темелник за стабилност и просперитет. Добрососедските односи се од суштинско значење за стабилноста, мирот и економскиот развој. Нордиската соработка донесе економски придобивки, технолошки иновации и зголемена доверба кај граѓаните. Со нетрпение очекувам да видам како може да се развие модел за регионална интеграција меѓу земјите од Западен Балкан за да се решат прекуграничните предизвици и да се создаде доверба“, порача амбасадорката Мелсом.

Министерката за одбрана Славјанка Петровска во своето обраќање рече дека „мирен и безбеден Балкан е можен само ако имаме интегриран Балкан“.

Фото: Смарт Балкан

„Кога зборуваме за европска интеграција на земјите од Западен Балкан, зборуваме за една Европа, обединета, не размислуваме за Европската Унија само како идеја, зборуваме за нешто што нѐ води во секојдневниот живот, зборуваме за можност за заедничка работа како рамноправни членки на Европската Унија”, посочи таа.

За Марија Ристеска, извршна директорка на Центарот за истражување и креирање политики, во време кога целокупната поларизација на глобалната сцена директно влијае на безбедносната динамика на Западен Балкан, граѓанскиот сектор игра клучна улога во градење отпорност и промовирање на мир во регионот.

Фото: Смарт Балкан

„Нивната работа за промовирање на толеранција, разбирање и единство не станува само локален императив, туку и глобална неопходност за спречување на дестабилизирачките ефекти на екстремизмот. Со активно ангажирање со локалните заедници, застапување за иницијативи за градење мир и промовирање прекугранична соработка, граѓанските организации продолжуваат да создаваат отпорност против силите на поделба кои произлегуваат од геополитичката поларизација“, изјави Ристеска.

Со две панел сесии и десетина говорници, првиот ден од СМАРТ Балкан регионалната конференција фокусот го стави на темите „Мирот, стабилноста и доброто владеење како предуслов за економски (и друг) просперитет” и „Политичкиот екстремизам, етнонационализмот и организираниот криминал како закани за мирот и просперитетот”.

Целта, како што потенцираа и панелистите е истакнување на улогата на мирот и стабилноста како клучни фактори за економскиот и социјалниот просперитет на регионот на Западен Балкан, на начин што зборува за улогата на граѓанското општество во сите процеси и фази на дејствување.

Вториот панел даде осврт на причините за демократскиот пад, порастот на партиската пропаганда, политичкиот екстремизам и национализмот како закани за мирот, просперитетот и демократијата, давајќи можни начини на дејствија како земјите од Балканот би се спротивставиле на нивното влијание.

СМАРТ Балкан регионалниот проект своите активности ги спроведува главно преку грант програмите за вклучување и вмрежување на граѓанските организации од Северна Македонија, Босна и Херцеговина, Албанија, Косово, Србија и Црна Гора за заедничко делување.

Регионалната конференција е дел од проектот СМАРТ Балкан – Граѓанско општество за поврзан Западен Балкан, кој има за цел да придонесе кон зајакнување на партиципативните демократии и евроатлантските интеграции во Западен Балкан, а се спроведува во партнерство помеѓу Центарот за унапредување на граѓанското општество од Босна и Херцеговина, Центар за истражување и креирање политики од Северна Македонија и Институтот за демократија и медијација од Албанија. Проектот е финансиран од страна на Министерството за надворешни работи на Кралството Норвешка.

 

Над 1000 деца од Тетово уживаа во изведба на бајката „Петар и волкот“ на два јазика

Над 1000 деца од Тетово уживаа во двете изведби на симфониската бајка „Петар и волкот“ на македонски и албански јазик. Националната установа „Музички Ансамбл” Тетово го реализираше вториот проект...