Еко свест: Јавноста треба да знае на што ќе се потрошат три милијарди евра за енергетска транзиција

Членките на Националната коалиција за клима велат дека се незадоволни од нетранспарентноста на процесот и фактот дека Инвестицискиот план за забрзана транзиција од јаглен не содржи конкретни предлог проекти кои би требале да се реализираат на патот кон јаглеродно неутрална земја, па останува нејасно како двата најзасегнати региони од јагленот, битолскиот и кичевскиот ќе ја направат трансформацијата

Фото: Мета.мк

Еколошките организации од земјава бараат јавноста да ги види проектите во кои ќе треба да се инвестираат три милијарди евра наменети за енергетска транзиција на земјата, кои беа најавени на последната Конференција за климатски промени, што се одржа во Дубаи.

Членките на Националната коалиција за клима велат дека се незадоволни од нетранспарентноста на процесот и фактот дека Инвестицискиот план за забрзана транзиција од јаглен не содржи конкретни предлог проекти кои би требале да се реализираат на патот кон јаглеродно неутрална земја, па останува нејасно како двата најзасегнати региони од јагленот, битолскиот и кичевскиот ќе ја направат трансформацијата.

Во прилог на нетранспарентноста сметаат дека е и фактот што планот е објавен на веб страната на Министерството за економија само на англиски јазик и само два дена пред јавната расправа, што не им остава можност на жителите на овие региони да ги презентираат своите ставови.

Инвестицискиот план е дел од Инвестициската платформа за праведна енергетска транзиција, која беше претставена на КОП28 и од која се очекува, со помош од меѓународни финансиски институции, од каде треба да се мобилизираат до три милијарди евра, земјава која е историски зависна од јаглен да го трансформира енергетскиот сектор и економијата во ниско-јаглеродна.

„Овој план е стратешки документ за енергетскиот сектор кој мора да обезбеди учество на јавноста, особено локалното население во регионите со јаглен. Членките на Националната коалиција за клима одлучија да не учествуваат на јавната презентација на нацрт Инвестицискиот план, затоа што не се исполнети условите за соодветна консултација“, вели Елена Николовска од Еко свест.

Од организацијата сметаат дека документот треба да биде преведен на македонски јазик и да им биде достапен на сите засегнати страни, особено на жителите на двата региони, со разумен рок за да достават коментари, а не само два дена пред јавната расправа. Екологистите бараат и планот да содржи конкретни проекти, а за него треба да се доставии и Стратешка оцена за животна средина за која, исто така треба да се организираат јавни расправи.

Платформата треба да помогне во мобилизирање на средства за инвестиции, како и политичка и техничка помош за да се забрза енергетската транзиција на земјата и распоредувањето на новиот капацитет за обновлива енергија од 1,7 GW до 2030 година со придружна мрежа и инфраструктура за складирање. Пред КОП28 Министерствата за економија и за животна средина најавија дека пакетот за поддршка треба да обезбеди позитивни резултати од зелената транзиција, притоа штитејќи ги работните места и егзистенцијата на погодените заедници.

Инвестициската платформа е креирана врз основа на Долгорочната стратегија за климатска акција и амбициозните политики на земјава за намалување на нето емисиите на стакленички гасови за 82% до 2030 година во споредба со нивоата од 1990 година.