Македонија ќе добие 85 милиони евра за декарбонизација на Конференцијата за климатски промени

Парите ќе бидат наменети пред се за проекти поврзани со декарбонизацијата, но со социјален карактер и ќе бидат поврзани со транзицијата на двата региони зависни од јаглен, Битола и Кичево

Фото: Мета

Средства во висина од 85 милиони евра се веќе обезбедени за финансирање на процесите на енергетска транзиција во земјава за што се изработени и конкретни проекти, најави денеска министерот за економија Крешник Бектеши на прес-конференција посветена на очекувањата на земјава во пресрет на претстојната 28 Конференција за климатски промени, што од 30 ноември до 12 декември ќе се одржи во Дубаи, во Обединетите Арапски Емирати.

Бектеши вели дека земјава е една од ретките која во рамките на КОП28 ќе има можност да добие грант средства од партнерски финансиски институции, кои ќе можат да се користат веднаш од идната година. Парите ќе бидат наменети пред сè за проекти поврзани со декарбонизацијата, но со социјален карактер и ќе бидат поврзани со транзицијата на двата региони зависни од јаглен, Битола и Кичево.

„Утре се објавува тендерот за интерконекторот за гас со Грција што ни дава можност транзицијата на РЕК Битола и Осломеј да ја направиме постепено, со транзиционен енергенс до 2040 година и ова ќе биде последниот проект на фосилни горива кој ќе биде финансиран од ЕБОР и ЕУ“, рече Бектеши и посочи дека земјава презела обрска да не отвора нови ископи на јаглен.

На претстојниот КОП ќе се потпише договорот за партнерство со ЕБОР за праведна енергетска инвестициона платформа, а приоритетите за финансирање, според Бектеши, се зацртани во Стратегијата за енергетика и другите документи од оваа област што ги има донесено земјава.

„Се разгледува можноста во скопскиот регион да има уште една централа која ќе произведува и топлинска и електрична енергија што ќе придонесе за намалување на загадувањето. Од јануари 10 милиони евра се предвидени за субвенционирање на ранливи категории граѓани во поглед на енергетска ефикасност, а има предвидени и пакети за вработените во ЕСМ да се вработат во приватен сектор или да добијат отпремнини од 20.000 до 30.000 евра. Исто така и компании кои ќе ангажираат вработени во ЕСМ ќе добијат поволности“, рече Бектеши.

Министерката за животна средина Каја Шукова очекува на претстојната 28 Конференција за климатски промени сите страни да се договорат за јасен патоказ за забрзување на глобалната енергетска транзиција во која ниту една земја нема да биде изоставена. Од конференцијата се очекува да постави јасни цели за адаптација, бидејќи влијанието на климатските промени врз луѓето и животната средина е евидентно. Се очекува операционализација на Фондот за загуби и штети за што веќе се најавени конкретни алокации од ЕУ и други развиени земји од светот, бидејќи за постигнување на амбициозните климатски агенди се потребни механизми за финансирање и нивна достапност.

„Македонија докажува со сопствен пример дека се неопходни визијата и долгорочните и среднорочните цели, а реализацијата е остварлива само со заеднико партнерско дејствување. Ги пресметавме економските и еколошките аспекти на политиките за ублажување на климатските промени и резултатите покажуваат дека 70 отсто од намалувањето може да се постигне со вин-вин мерки, што значи дека вкупните трошоци на предложената мерка се помали во споредба со трошоците за сценариото  да не се направи ништо“, рече Шукова.

Министерот за здравство Фатмир Меџити ја потенцираше клучната важност на адаптацијата кон климатските промени со мерките за енергетска ефикасност во здравствените установи. Изминативе неколку години реновирани се околу 50 здравствени установи за примена на природен гас и исклучување на мазутот во Клиничкиот Центар „Мајка Тереза“, болницата „8 Септември“, УК „Св. Наум Охридски“, ГАК Чаир и сите поголеми болници во Скопје, како и поставување на сончеви панели во Клиничката болница во Штип и болницата во Гостивар со поддршка на СЗО.

Постојаниот претставник на Програмата за развој на Обединетите нации, Армен Григоријан, истакна дека климатските промени не се предизвик со кој можат државите да се соочат самостојно и надвор од глобалниот контекст.

„Климатските промени не познаваат граници. Затоа е неопходен интегриран, заеднички пристап на сите чинители. Како што беше случај во минатите 20 години, Програмата за развој на Обединетите нации, ќе продолжи силно да ги поддржува чекорите кои ги преземаат владата и надлежните министерства за справување со овој предизвик“, рече Григоријан.