Македонското еколошко друштво (МЕД) информираше дека е отворен новиот повик за аплицирање со проекти во Програмата за поддршка на млади еколози „д-р Љупчо Меловски“ 2023. Целта на повикот е да се охрабрат млади истражувачи самостојно да планираат, спроведуваат, известуваат и донесуваат заклучоци на научни проекти.
Како што велат од МЕД, предност за финансирање и поддршка ќе имаат проекти кои се занимаваат со истражување на биолошката разновидност, но и проекти од областа на заштита на животната средина и кревање на јавната свест.
Сите млади еколози се очекува да работат со ментори кои ќе им обезбедат поддршка и надзор.
„Очекуваме дека раководителот на проектот ќе биде млад истражувач (до 26 или до 30 години за мали, односно средни грантови) со или без искуство во проблематиката на проектот. Особено ќе го цениме учеството на раководителот во други проекти, размена на студенти, учество во студентски истражувачки акции, еко-школи, објавени трудови, учество на научни и стручни собири и сл. Раководителот на среден грант треба успешно да има спроведено мал грант од оваа програма или да достави потврда за успешно спроведен проект сличен по обем на мал грант“, велат од Македонското еколошко друштво.
Повикот е отворен од денеска, а крајниот рок за малиот грант истекува на 15 февруари, додека повикот за среден грант завршува на 22 февруари годинава.
Повеќе информации за повикот можат да се најдат на интернет-страницата на МЕД.