МОН доделува грантови за училишта во кои се негува меѓуетничката интеграција

Фото: Министерство за образование и наука

Министерството за образование и наука (МОН) објави јавен повик за доделување на грантови за основните и јавните средни училишта, кои придонесуваат за развој и унапредување на мултикултурализмот, меѓуетничката интеграција и толеранцијата. Активностите кои ќе бидат поддржани со грант, може да се реализираат самостојно во училишта во кое наставата се одржува на повеќе наставни јазици, или во партнерство со друго училиште.

Грантовите ќе бидат доделени на вкупно 95 училиштата, од кои 70 основни и 25 средни училишта, а селекцијата со рангирање ќе ја прави Комисија за вреднување на пристигнатите апликации, согласно одредените критериуми.

Како што појаснуваат во МОН, проектите треба да се во насока на промовирање на добрите практики за активности во кои се негуваат хармонични односи кои се темелат на почитување на разликите, а притоа градејќи едно мултиетничко и мултикултурно општество со што се овозможува градење на современи, успешни и ефективни воспитно-образовни установи кои ќе ги промовираат мултиетничките и мултикултурните вредности, индивидуализираниот пристап кон учениците, позитивна емоционална клима и конструктивна повеќенасочна комуникација во пријатен и поттикнувачки училишен амбиент.

„Ги охрабруваме училиштата да аплицираат со проекти за заеднички активности меѓу учениците, кои реализираат настава на различни наставни јазици“, велат од МОН.

Аплицирањето трае до 9 декември годинава, а пријавувањето може да се направи на овој линк. За аплицирање на Јавниот повик кој е поставен на „MC Forms“, потребно е
училиштата да бидат најавени со официјалните кориснички сметки на додавката
@schools.mk.