Фондацијата за интернет и општество – Метаморфозис, преку проектот „Зголемување на граѓанското учество во Дигиталната агенда – ИЦЕДА“, ко-финансиран од Европската Унија, го отвори Повикот за апликации преку кој ќе се обезбеди поддршка на граѓанските организации за промовирање на Дигиталната агенда.

„Преку вториот циклус на грантовата шема за мали грантови ЛОТ 2: Доделување на грантови за Иницијативи за застапување за Дигиталната агенда, предвидено е доделување на 15 мали грантови на граѓански организации од Албанија, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија во опсег од 3.000 до 7.000 евра по грант. Целта е приближно да се доделат по 3 грантови по земја со времетраење на спроведувањето на одделните грантови по 6 месеци“, се наведува во соопштението на Фондацијата Метаморфозис.

Се охрабруваат сите граѓански организации кои се подобни за аплицирање на Повикот, да ја достават нивната апликација до 30-ти јуни, 2021 година до 23:59 часот. Целосниот опис на Повикот, како и формуларите за аплицирање се достапни на следниот линк: https://cutt.ly/rbVXqzB. За повеќе информации за активностите што следат, се охрабруваат сите заинтересирани страни да ги следат Facebook профилот и Twitter страницата на проектот.

Проектот „Зголемување на граѓанското учество во Дигиталната агенда – ИЦЕДА“ е кофинансиран од Европската Унија и го спроведуваат Фондација Метаморфозис (Северна Македонија), Отворени податоци Косово (Косово), Академија за е-владеење (Естонија), Центар за истражување, транспарентност и отчетност ЦРТА (Србија), НВО 35 ММ (Црна Гора) и Lëvizja MJAFT (Албанија).