Мрежата за зголемување на граѓанското учество во Дигиталната агенда – ИЦЕДА, денеска пред голем број претставници на заинтересирани граѓански организации на онлајн-презентација преку „Зум“ ги претстави условите за конкурирање на повикот за грантови од вториот циклус на грантовата шема за мали грантови ЛОТ 2: Доделување на грантови за Иницијативи за застапување на Дигиталната агенда.

Најпрво Мила Јосифовска – Даниловска, менаџер на програми за општествена отчетност и човекови човекови права онлајн во Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“ ја претстави програмата ИЦЕДА и опсежно ги претставуваше поединечните цели на овој проект, кој има за цел да ја подобри дигиталната агенда на Западен Балкан преку соработка со граѓанските организации и медиумите, притоа овозможувајќи им и ним и на граѓаните да се вклучат во дигиталната агенда и да ги користат информатичко –комуникациските улоги, меѓу другото, и за практикување на демократијата.

Самите услови за ГО што сакаат да конкурираат за грантовите во износ од 3.000 до 7.000 евра ги претстави Маријана Јанческа, специјалист за евалуација на граѓанските организации од Фондацијата Метаморфозис. Повикот за пријавување е отворен до крајот на овој месец.

По претставувањето, учесниците можеа да поставуваат прашања. Денешната презентација беше снимена и ќе биде објавена онлајн, за полесно проследување на условите од страна на ГО.

Проектот „Зголемување на граѓанското учество во Дигиталната агенда – ИЦЕДА“ е кофинансиран од Европската Унија и го спроведуваат Фондација Метаморфозис (Северна Македонија), Отворени податоци Косово (Косово), Академија за е-владеење (Естонија), Центар за истражување, транспарентност и отчетност – ЦРТА (Србија), НВО 35 ММ (Црна Гора) и Lëvizja MJAFT (Албанија).