Меѓународната организација на трудот (МОТ) го реализира првото Локално партнерство за вработување (ЛЕП) во Битола, во рамки на проектот „Зајакнување на социјалниот дијалог“. Со финансиска поддршка од 100.000 евра за спроведување на иновативните идеи за креирање работни места, се очекува развој на 40 нови бизнис идеи, финансирање на 8 старт-апи со доделување грантови, и креирање на дополнителни 40 квалитетни работни места, соопштија од МОТ.

„Соочени со последиците од кризата предизвиката од ковид-19, со прогноза од околу 40.000 загрозени работни места во земјата, локалните партнерства за вработување може да послужат како алатка за рестартирање на пазарот на трудот на локално ниво, со наменски креирани решенија за конкретните предизвици на локалните заедници. Искуството на МОТ со спроведување на ЛЕП покажало дека тие претставуваат ефективен механизам за креирање на работни места“, изјави Маркус Пилгрим, директор на МОТ за Централна и Источна Европа.

Според него, соработката меѓу општините, агенциите за вработување, претставниците на бизнисот, образовните институции и граѓанските организации, кои најдобро се запознаени со состојбата и можностите на локалниот пазар на труд, се во најдобра позиција да препорачаат ефективни интервенции за креирање на работни места.

„Сите активности што ќе произлезат и ќе се спроведуваат во рамки на овој проект ќе ги координира локалниот трипартитен економско-социјален совет на Битола. Располагаме со соодветен капацитет за успешно имплементирање на оваа нова форма на дијалог и соработка што треба да доведе до зголемување на вработувањето. Со споделување на обврските во ова партнерство ќе успееме да ги исполниме и надминеме поставените цели и да креираме нови можности за вработување на младите, со што ќе го поттикнеме економскиот развој“, изјави градоначалничката на Општина Битола и претседателка на локалниот економско-социјален совет, Наташа Петровска.

Во рамки на проектот „Зајакнување на социјалниот дијалог“, учествуваат: Општина Битола, Агенцијата за вработување, Универзитетот „Св. Климент Охридски“, Техничкото средно училиште „Ѓорѓи Наумов“, Регионалната канцеларија на Стопанската комора, Фондацијата за одржлив економски развој – ПРЕДА и Младинскиот културен центар и организацијата „Интерворкс“ од Битола.