МОН и ОБСЕ доделија грантови за заеднички активности на ученици со различно етничко потекло

Грантовите ги доделија министерот за образование и наука, Јетон Шаќири и амбасадорот на ОБСЕ, Килијан Вал, кои испратија заедничка порака дека само со унапредување на односите помеѓу младите може долгорочно да се обезбеди мирот во општеството

Фото: МОН

Четиринаесет училишта добија грантови за спроведување на заеднички наставни и воннаставни активности на ученици од различно етничко потекло, кои следат настава на различни наставни јазици. Целта на активностите е јакнење на соработката и довербата помеѓу младите, а финансиските средства за нивна реализација се обезбедени преку проектот „Градиме нови мостови“ кој беше најавен на почетокот на годинава од страна на Министерството за образование и наука (МОН) и Мисијата на ОБСЕ во Скопје.

Грантовите ги доделија министерот за образование и наука, Јетон Шаќири и амбасадорот на ОБСЕ, Килијан Вал, кои испратија заедничка порака дека само со унапредување на односите помеѓу младите, поттикнување на нивната меѓусебна почит и разбирање, може долгорочно да се обезбеди мирот во општеството, кој е значаен фактор за севкупниот негов просперитет.

„Училиштата се всушност местата каде младите се развиваат како личности, созреваат учејќи за хуманоста, моралот и етиката и ги разбиваат митовите за повеќе стереотипи кои, некако со години се провлекуваа во општеството и се пренесуваа на нови генерации, а дел од нив, за жал, сè уште и во денешно време се предизвикувачки. Но работиме на искоренувањето и оваа активност е токму во таа насока“, рече Шаќири.

Министерот се заблагодари на поддршката од Мисијата на ОБСЕ во Скопје.

„Овие училишта нема да бидат единствени, затоа што проектот е подолгорочен и во иднина ќе се објавуваат и нови повици за поддршка на активностите за поврзување и градење на довербата меѓу младите“, појасни Шаќири.

Шефот на мисијата на ОБСЕ во Скопје, амбасадорот Килијан Вал, изрази уверување дека проектот ќе предизвика позитивни промени.

„Со ова го означуваме почетокот на новиот заеднички потфат кој ќе се спроведува во текот на неколку години, и кој ќе донесе значајни и позитивни промени во јавните образовни институции и општините на национално ниво, работејќи здружено за спроведување на заедничките наставни часови“, порача Вал.

Визијата, рече тој, е создавање поинклузивна и попросперитетна иднина.

„Уверени сме дека можеме позитивно да влијаеме врз животите на младите луѓе од различно потекло и да помогнеме да се создаде поинклузивна и попросперитетна иднина за сите во Северна Македонија“, заклучи Вал.

Проектот „Градење нови мостови“ (ГНМ) се надоврзува на Фондот за градење мостови кој воведе модел за интегрирано образование во Северна Македонија за поддршка на училиштата, општините и граѓанските организации за обединување на децата од различно потекло и јазици преку заеднички воннаставни активности.

Овој нов проект понатаму има за цел градење инклузивни општества кои го негуваат и се гордеат со културниот плурализам и ја почитуваат толеранцијата, дијалогот и соработката, во клима на меѓусебна доверба и разбирање како најдобри гаранции на социјалниот мир и безбедноста.

„Градиме нови мостови“ е проект поддржан од Кралството Норвешка, Република Полска и Големото Војводство Луксембург.

Предвидениот период на имплементација на одобрените проектни активности е јуни 2023 – мај 2024 година, со можност за добивање финансиска поддршка до 7.000 евра по апликација. Вкупниот буџет наменет за овој проект е речиси 500.000 евра.