!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Османи: За ДУИ е важна платформата, а не судбината на ВМРО-ДПМНЕ или на СДСМ


       
Тетово, 28 јануари, 2017 - 17:26 (META) 

„За ДУИ е важна платформата на Албанците и важен е начинот како тој договор ќе го реализираме. Во текот на денот од дебатата ќе поминеме на поконкретни предлози“, изјави портпаролот на ДУИ, Бујар Османи, пред седиштето ДУИ во Мала Речица каде што централното претседателство на ДУИ во проширен состав решава за можната коалиција со ВМРО-ДПМНЕ за состав на влада.

– На редовната седница на ДУИ присуствуваат и новите пратеници и ова е продолжување на анализите кои почнавме да ги правиме деновиве за аргументите „за“ и „против“ за сите пет опции што се на маса. Се работи за принципелна дебата и се разгледуваат сите опции – изјави Османи.

Портпаролот на ДУИ, како шпкулации ги оцени тврдењата дека претседателот на ДУИ, Али Ахмети, предложил коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, а другите членови на партијата биле против.

– Јас ги отфрлам таквите шпекулации. Ахмети има статутарно право и сам да одлучи за чекорите, но негова цел е да ги слушне мислењата на сите членови на претседателството за сите опции, за да се донесе најздрава одлука. Отфрлувам дека има раздор во партијата или некакви преференци. Не ни е битна политичката судбина на ВМРО-ДПМНЕ или СДСМ, важна ни е реализацијата на платформата и договорот потпишан со Албанците – изјави Османи.

Неизвесно е дали одлука за евентуална коалиција со ВМРО-ДПМНЕ ќе се донесе денеска или утре. Можно е средбата да трае и по полноќ.

Османи го повтори ставот од синоќа, дека не е важно одлуката да биде навремена, туку да биде правилна.