Социјалдемократскиот сојуз на Македонија е подготвен за избори, вели лидерот на опозициската партија, Зоран Заев, во интервју за „Радио Слободна Европа“ и додава дека ако народот одлучи да му ја даде поддршката, тој „секако ќе ја зграпчи честа“ да биде иден премиер на државата.

„Ние сме единствената партија што во декември донесе изборна програма на конгрес, подготвена со формиран штаб да влезе во изборни активности… Ако народот одлучи да му ја даде честа на СДСМ како прворангирана партија во Македонија, да, секако ќе ја зграпчам оваа чест да покажам резултат. Јас можеби сум прв политичар во врвот на големите политички партии кој доаѓа од практичниот, од деловниот сектор. Економските политики мора да дадат резултат што ќе го почувствуваат сите граѓани, сите семејства во Република Македонија“, вели Заев.

Тој вели дека околу 65 отсто од изборната програма на СДСМ се однесува на економијата, а фокусот е насочен кон отворање нови квалитетни работни места и просечна плата од 500 евра.

„Од државата се крадат 400 милиони евра годишно. Само ова да остане во државата е силен потенцијал и за враќање на кредитите, но и за развојни димензии на нашето општество“, вели лидерот на опозицијата.

Според него, фер и веродостојни избори се можни доколку се исполнат двата услови од Договорот од Пржино – прочистување на избирачкиот список и регулирање на медиумите.

„Не сака власта да ги тргне своите политички канџи што ги има ставено врз Советот на Агенцијата за медиуми и врз МРТВ. Предлогот на меѓународната заедница е тие да бидат заменети со експерти, од еснафот, од браншата, новинари, кои имаат најмалку осум години работно искуство, најмалку пет години да биле на раководни функции или слично, што се меѓународни критериуми. Не се согласуваат со оваа работа. Дадовме и други иницијативи, сè со конечна цел – побргу да заврши оваа криза преку регуларни, фер и демократски избори“, истакна Заев.

За замрзнувањето на работата на пратениците од СДСМ во Собранието, тој вели дека со ваквата одлука сакаат да испратат посериозен апел до Уставниот суд да се произнесе за уставноста на Специјалното јавно обвинителство, пред летните одмори на судиите.

„Многу чесно, само да ја донесат одлуката, не прејудицираме каква. Затоа го поддржуваме тоа што го испорачаа граѓаните од „Шарената револуција“, тоа е принципиелен предлог и веруваме дека Уставниот суд ќе се одважи по осум месеци иницијатива, кога има практика за одлуки од три до пет месеци, да донесе одлука за вакво сериозно прашање. Тоа е нашето барање“, вели Заев.

На прашањето што ќе се случи со СЈО доколку пропадне Договорот од Пржино, оценката на лидерот на СДСМ е дека тоа нема да се случи.

„Јас верувам дека Договорот од Пржино нема да пропадне. Искра надеж за враќање на правдата е тоа Специјално јавно обвинителство. Тоа е институција формирана со консензус во парламентот, консензус помеѓу политичките партии, дури и Катица Јанева има целосна поддршка од сите претседатели на најголемите политички партии. Груевски даде согласност, исто како што дадов и јас, за Катица Јанева и за законот, целосно отворена можност таа сама кадровски да го постави тимот во СЈО. И мене не ми е баш пријатно кога сум исправен таму за „Пуч“ или за кој било од предметите за кои има можност да биде отворена иницијатива против некои опозиционери, но ние ветивме дека покрај политичката, мора да има и правна одговорност“, посочува Заев.