fbpx

Војната во Газа и жртвите од неа злоупотребени во Кју анон теориите на заговор

Кју анон го има преземено наративот за поврзаноста на американската либерална политичка, холивудска и бизнис-елита со педофилија и сатанизам, а Трамп е претставуван како големиот спасител на децата од канџите на злото

-

Објавата ја шири познатата теорија на заговор за некакви елити кои го контролираат светот, го обожуваат сатаната и тргуваат со деца кои ги убиваат за да ја пијат нивната крв, но овојпат во конспирацијата е вклучена војната во Газа. Оваа теорија на заговор особено ја форсираат поддржувачите на Кју Анон кои го величаат Трамп, а по војната во Украина и Путин, претставувајќи ги како некакви херои и спасители. Наспроти тврдењето во објавата, не постојат никакви тајни елити кои ги управуваат 13-те семејства кои се под влијание на Ватикан и кои убиваат деца. Нема ниту некакви тајни тунели, ниту киднапирани деца кои само Трамп и Путин можат да ги спасат. Војната во Газа е реалност, одзема стотици жртви и крајно е невкусно да се поврзува со теории на заговор, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

Анализираме објава на Фејсбук која ја шири добро познатата теорија на заговор дека тајно друштво на елити кои го обожуваат сатаната и тргуваат со деца го контролира светот, а поранешниот американски претседател, Доналд Трамп и рускиот претседател, Владимир Путин се борат против нив. Притоа, се злоупотребува војната во Газа.

22.10.2023
Не,војни.
Тајната на сатаната е крвта од нашите бебиња.
Парите се само алатка за војни.
Луцифер сака вашето бебе и вие да сте мртви.
Ватикан е леглото на Луцифер и 13 семејства под него и сите останати под нив.
За нас се бори Трамп и Путин..и неколку други…целата планета е премрежена со тунели…за трговија со деца.
Газа ..е отворен концентрационен камп ..каде се убиваат деца, жени и мажи на отворено.

Објавата ја шири теоријата на заговор за некакви елити кои го контролираат светот, го обожуваат сатаната и тргуваат со деца кои ги убиваат за да ја пијат нивната крв. Во неа често се спомнува и Ватикан за кој се верува дека неговите истакнати членови се дел од Илуминатите. Оваа теорија на заговор особено ја форсираат поддржувачите на Кју Анон кои го величаат Трамп, а по војната во Украина и Путин, претставувајќи ги како некакви херои и спасители.

Кју Анон е една од најраспространетите теории на заговор што се здоби со внимание во последниве години. Припадниците на движењето Кју Анон ја шират и теоријата за адренохром и велат дека претседателот Трамп води тајна војна против елитните педофили кои го обожуваат сатаната и се наоѓаат во владата, бизнисот и медиумите. Оваа теорија на заговор тврди дека политичарите од длабоката држава и холивудската елита се вклучени во голема мрежа за киднапирање деца, која го собира хемиското соединение адренохром од сексуално злоупотребувани деца подложени на сатанистички ритуали.

Наспроти ова тврдење, ниту една научна студија, клиничко испитување или официјална здравствена агенција не го поврзува адренохромот со подмладувањето. Нема докази дека оваа супстанца се користи за подмладување, ниту пак, дека има халуциноген ефект. Иако никогаш со докази не е потврдено дека постои некаква пракса да се екстрахира адренохром од деца, сепак наративот не престанува да циркулира на социјалните мрежи.

Теоријата на заговор Кју анон е огромна, комплицирана и постојано се менува, а нејзините приврзаници постојано преклопуваат нови настани и личности во нејзиниот главен наратив. Но, суштината на тоа е дека националните демократи, потпомогнати од Холивуд и група „глобални елити“, водат масовен синџир посветен на киднапирање, трговија, тортура, сексуална злоупотреба и канибализација на деца, сè со цел да се исполнат ритуали на нивната сатанска вера. Доналд Трамп, според оваа фантазија, е единствената личност која сака и може да изврши напад против нив, пишува Гардијан во својата анализа за заговорниците на Кју анон кои веруваат во огромен педофилски синџир.

Теоријата дека Трамп спасувал деца од трговија со луѓе и од некаква мрежа на педофили е добро позната и ја шират неговите поддржувачи, припадници на движењето Кју анон, каков што е и профилот на лицето кој го споделува овој пост.

Оние кои ја шират теорија на заговор дека Трамп е некаков спаистел на деца, никогаш не понудиле цврсти докази за истата. Вистиномер  пишуваше за оваа теорија уште пред три години, кога се пласираше веста за 100.000 малтретирани деца во Њујорк спасени од канџите на педофилските сатанисти, наводно поврзани со поранешната државна секретарка на САД и некогашна прва дама Хилари Клинтон. Откако аферата „Пицагејт“ од 2016 година спласна, а случајот со обвинетиот американски финансиски магнат, Џефри Епстин заврши кога тој се самоуби во својата ќелија во њујоршкиот затвор, каде што очекуваше судење за нови обвинувања за организирање малолетничка проституција, Кју анон го има преземено наративот за поврзаноста на американската либерална политичка, холивудска и бизнис-елита со педофилија и сатанизам, а Трамп е претставуван како големиот спасител на децата од канџите на злото.

Освен Трамп, поддржувачите на оваа теорија на заговор го величаат и Путин, кој, откако ја започна војната во Украина, го претставуваат како спасител на украинските деца од трговија со органи. Вистиномер има пишувано и на оваа тема.

Во овој контекст, објавата ја злоупотребува војната во Газа, нагласувајќи дека е „отворен концентрационен камп „…каде се убиваат деца, жени и мажи на отворено“. Не е никаква тајна дека израелските сили во својот одмазнички поход по нападот на Хамас на 7 октомври, убија стотици цивили во Газа меѓу кои и деца. Агенцијата за деца на Обединетите нации (УНИЦЕФ) го осуди „неверојатниот“ број жртви на деца во Газа, каде што официјалните информации говорат дека во израелското бомбардирање биле убиени илјадници луѓе. Известувајќи дека за помалку од три недели се убиени 2.360 деца, УНИЦЕФ повика на итен прекин на огнот и постојан и непречен пристап до хуманитарна помош.

Оттука не може војната во Газа да се поврзува со некакви тајни елити, подземни тунели и теории на заговор, според кои се убиваат деца во име на сатаната и Луцифер.

Целата објава е конфузна, изнесува неповрзани работи кои не се поткрепени со никакви докази. Објавата шири познати теории на заговор за кои Вистиномер има пишувано во повеќе наврати. Не постојат никакви тајни елити кои ги управуваат 13 семејства кои се под влијание на Ватикан и кои убиваат деца. Нема никакви тајни тунели ниту киднапирани деца кои само Трамп и Путин можат да ги спасат. Војната во Газа е реалност, одзема стотици жртви и не е во ред да се поврзува со теории на заговор. Поради сето ова, објавата што ја анализираме ја оценуваме како неточна.

hubmk

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Укинати мерките и притворот за шестмина за упадот во М-НАВ

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство до судии на претходна постапка при Основниот кривичен суд, доставило предлози за укинување на мерките за обезбедување присуство, односно мерките притвор и куќен...