fbpx

Во тек вештачењето за групата од Иран и од Русија вклучена во дојавите за бомби во училиштата

Министерот Спасовски информираше дека целосно се расчистени случаите на дојави за поставени бомби во Кавадарци, Делчево и во Тетово, а во однос на групата лица поврзани со Русија и Иран, за кои постоеја сомнежи дека учествувале во праќањето на дојавите по електронски пат, во тек е вештачењето

-

Во тек е вештачењето во однос на дојавите за бомби што во периодот од октомври минатата година до март годинава ги имаше во основните и средните училишта, но и во други институции во државата, информираше министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

Тој, заедно со заменик министерката за здравство, Марина Манолева, шефот на скопското Јавно обвинителство Гаврил Бубевски, шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Н.Е. Килијан Вал, националната координаторка на НКЕУ-МК и претседател на Европско движење во Северна Македонија, Милева Ѓуровска, експерти, професори, преставници на граѓанскиот сектор и на меѓународните организации беа дел од 11 сесија на Работна група – 4, Правда, слобода и безбедност (Поглавје 24) во организација на Национална Конвенција на ЕУ во С. Македонија на тема „Зајакнување на отпорноста и подобрување на капацитетите за одговор на хибридните закани”.

Спасовски рече дека повеќе од 720 објекти биле таргет на лажни дојави за бомби, испратени од над 60 електронски адреси. Регистрирани биле над 950 лажни дојави за поставени експлозивни направи. Откако беа воведени нови протоколи и откако во јавноста престана да се известува за дојавите за бомби, кон почетокот на март годинава, министерот за внатрешни работи рече дека нема стигнато ниту една дојава.

Тој информираше дека целосно се расчистени случаите на дојави за поставени експлозивни направи во Кавадарци, Делчево и во Тетово, додека во однос на групата лица поврзани со Русија и Иран, за кои постоеја сомнежи дека учествувале во праќањето на дојавите по електронски пат, во тек е вештачењето.

„Кога започнаа ваквите напади, рековме дека работиме со сите релевантни меѓународни фактори, а деталите ќе ги соопштиме кога ќе се поднесат кривични пријави. Кога ќе биде тоа, не можам да кажам, бидејќи ниту едно кривично дело не може да биде детерминирано со временска рамка. Важно е да имаме квалитетно завршена работа. Но, можам да кажам дека добар дел од овие лажни дојави, особено оние што се случија во јануари, ќе бидат затворени“, изјави Спасовски.

Ако лажните дојави за бомби беа хибридна војна, хакерскиот напад врз системот на Фондот за здравствено осигурување беше хибридна закана, вели Спасовски, додавајќи дека МВР сè уште работи на овој случај.

„Тоа е навистина огромна и обемна работа, таму беа загрозени многу документи, имавме такво нешто и во Биро за јавни набавки и на тие случаи се работи“, рече Спасовски.

Токму на овој дел се осврна Маја Манолева, заменик министерката за здравство, која рече дека во контекст на здравствениот систем, хибридните напади претставуваат актуелна закана која може да се одрази на достапноста на медицинските услуги, безбедноста на медицинските податоци, целосноста на информациите и приватноста на пациентите.

Фото: Влада на РСМ

„Сведоци сме на неодамнешниот сајбер напад на Фондот за здравствено осигурување кој предизвика делумен застој во остварување на исплатите за здравствените услуги. Важноста на електронските здравствени системи ги издигнува на ниво на критична информациска инфраструктура, чија заштита е потребно да биде на највисоко ниво, а соодветно потребни се и механизми за справување со кризите кои можат да произлезат од хибридните напади”, рече Манолева, додавајќи дека за да се бориме со овие закани мора да се разгледаат клучните области едукација и подигнувањето на свеста кај корисниците, техничките и превентивните мерки, имањето јасни и стандардизирани политики и процедури, како и етички принципи, и секако, соработка и споделување информации.

Меѓу говорниците на сесијата на работната група, во делот на експертска анализа свое обраќање имаа и Марија Ѓошева – Крстески, началник на Одделение за истраги за компјутерски криминал, сектор за компјутерски криминал и дигитална форензика при МВР, како и Мирослава Савирис, Директор на Одделот за стратешка комуникација при Канцеларијата на Советот за безбедност на Република Словачка.

Државната секретарка при МВР, Магдалена Несторовска истакна дека целта со дискусиите на ваквите сесии е да се дефинира степенот на отпорност на институциите на ваквите закани и да се детектираат евентуалните „гапови“ во нормативната регулација – на стратешко, но и на оперативно ниво.

„Хибридните напади влијаеја деструктивно врз перцепцијата за безбедност на илјадници наши граѓани, преку загрозувањето на слободата на движење и попречување на нормално функционирање на бројни институции и илјадници семејства во државата. Ширењето на паника и страв со закани насочени во над 700 институции, дојави за поставени бомби во училишта и јавни институции, без разлика што се работеше за лажни дојави, ја постигнуваше целта со ширење на паника и создавање на чувство на несигурност кај илјадници граѓани, а со тоа и недоверба во институциите”, рече Несторовска, додавајќи дека потребен е мултиинституционален пристап во справувањето со овие и слични безбедносни закани.

Министерот Спасовски е дециден дека безбедносната ситуација во земјава е стабилна и повтори дека во моментот во земјава се имплементира Националната стратегија за сајбер безбедност 2018-2022 година, која е развиена во согласност со Стратегијата за сајбер безбедност на ЕУ и Политиката и Заложбата за сајбер безбедност на НАТО за обезбедување на сигурно, безбедно, доверливо и отпорно дигитално опкружување.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ОБСЕ/ОДИХР: Одредени портали се создаваат само за да добиваат државни пари за изборите

Изборите во Македонија беа добро организирани, но имаше остра реторика, а недостига и регулација во сферата на онлајн порталите. Ова е генерално оценката на набљудувачите на ОБСЕ/ОДИХР и на...