Владата има три услови под кои стопроцентно ќе ги покрива придонесите на плата на вработените во медиумите и медиумските куќи, телевизиите, радиодифузерите, печатените медиуми, како и електронските интернет портали.
Ова денеска на прес-конференција го истакнаа вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи и министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност Роберт Поповски.
Првиот услов е медиумите кои ги намалиле платите на вработените во кризата да ги вратат на ниво пред почетокот на вонредната состојба, второ, да немаат отпуштено ниту еден вработен поради кризата и трето да имаат најмалку тројца вработени на неопределено време.
Медиумите корисници на субвенциите не треба да отпуштаат работници за времетрањето на субвенциите, односно да не отпуштаат ниту еден вработен најмалку во следните три месеци.
Османи истакна дека оваа мерка Владата ја донела во консултации со Самостојниот синдикат на новинарите и медиумски работници.
– Веќе подолго време предупредувам дека сме загрозени од лажните вести и наменската пропаганда која најсилно ја чувствуваме токму во справување со предизвиците од пандемијата Ковид-19. Во борбата со лажните вести најпрво е потребно да им се даде поддршка на оние кои ги пренесуваат точните вести. Токму во оваа насока беше иницијативата да обезбедиме поддршка за медиумите, за новинарите и медиумските работници кои рамо до рамо заедно со здравствените работници и припадниците на безбедносните служби, беа и сè уште се на прва линија на одбрана од пандемијата – рече Османи.
Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.