Владата ќе ги субвенционира придонесите за социјално за медиумските работници за три месеци

Фото: Архива на Мета.мк

Владата на вчерашната седница донесе Уредба со законска сила за субвенционирање на придонесите од задолжително социјално осигурување за вработени во медиумите. Со уредбата се уредуваат условите, начинот и постапката на субвенционирање на исплата на придонеси од задолжително социјално осигурување за вработените во медиумите кои работеле и известувале за надминување на состојбата со ковид-19 за време на вонредната состојба, за месец јуни, јули и август 2020 година, информираат од владината прес-служба.

„Уредбата определува кои услови и критериуми треба да бидат исполнети за стекнување на правото за користење на субвенционирањето на придонесите од задолжително социјално осигурување за вработените во медиумите“, се вели во владиното соопштение.

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) пред неколку дена од владата побара пакет на мерки за помош на медиумите, со кои ќе се гарантира дека помошта ќе стигне директно до новинарите и медиумските работници погодени од ковид-19 кризата. Во едно од трите точки, од ССНМ побараа целосно ослободување од придонесите за вработените во медиумите кои не отпуштиле ниту еден вработен во текот на кризата, освен со спогодбен прекин на работниот однос, заминување во пензија или со други одредби од ЗРО, со исклучок на технолошки вишок за времетраењето на мерката и давање отказ без отказен рок.

Од ССНМ побараа мерката да важи и за медиумите кои им ги намалиле платите на новинарите и медиумските работници, но само доколку се обврзат ваквото ослободување да го искористат за да им ги вратат скратените средства на своите вработени, а враќањето на средствата да се одвива паралелно со спроведувањето на мерката.

foom-logo-disklejmer

Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.