Претходната влада потрошила повеќе од 31 милион евра од буџетот на државата за рекламирање на бизнис-потенцијалите на земјава во странски медиуми, соопшти денеска на прес-конференција портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски.

На прес-конференцијата, Бошњаковски ги објави податоците за сумите од буџетот што претходната влада ги потрошила за привлекување странски инвестиции во земјава.

Како што истакна портпаролот на Владата, станува збор за потрошени повеќе од 130 милиони евра.

Покрај трошоците за реклами во странски медиуми, претходната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ и од тогашниот премиер Никола Груевски, за привлекување странски инвестиции во домашните медиуми платила 12,5 милиони евра, за т.н. „роуд шоуа“ биле потрошени 5,6 милиони евра, а економските промотори ги чинеле граѓаните и државата 12,5 милиони евра.

„Како дополнителни приходи, станарини, закуп и друго на министрите без ресор кои биле задолжени за странски инвестиции, им биле исплатени 2,8 милиони евра надвор од месечната бруто-плата“, велат од Владата.

Пред два дена, на прес-конференција Владата објави дека биле потрошени 225 милиони евра за влез на 25 странски компании, кои оствариле 20.000 вработувања.

 

foom-logo-disklejmerТекстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведуваат Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, „Агора“ – Центар за промовирање на граѓански вредности и Платформата за истражувачко новинарство и анализи (ПИНА), со финансиска поддршка од „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.