Вакцините против ковид-19 не се водечка причина за зголемена смртност во светски рамки

Не е точно ниту наведеното во објавата, дека италијанскиот министер за здравство е под истрага за убиство и прикривање на податоци за смртност и повреди од вакцините за ковид-19

-

Преку погрешни интерпретации на извештај од канадскиот Завод за статистика, се прави обид да се обвинат ковид вакцините за зголемена смртност. Во извештајот воопшто не се споменуваат вакцините, ниту пак, се кажува колку од починатите се вакцинирани, а колку не се. Тоа што во објавата се претставува како „неодредени причини за смртност”, всушност се однесува на смртни случаи кои се под истрага од судски вештак, но најчесто се убиства, самоубиства, или смртни случаи настанати со предозирање или употреба на токсични супстанци. Вакцините против ковид-19 не се водечка причина за смртност во Канада, ни во светот, особено зашто и во 2020 година кога вакцините уште не беа администрирани во Канада, бројот на смртни случаи поради недефинирани и неспецифицирани причини растеше, споредено со 2019 година, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

Вакцините за ковид 19 причина за зголемена смртност во светски рамки. Зошто кај нас се прикриваат податоците?

Зошто не се почне истрага за тогашниот министер Венко Филипче, комисиите, таканаречениот премиер Заев, кои сигурно знаеле дека таканаречените вакцини продуцираат тешки хронични болести и смртност?

Дали оваа измама не наведува да се сомневаме и за детските календарски вакцини?

Италијанскиот министер за здравство е под истрага за убиство и прикривање на податоците за смртност и повреди од вакцини за Ковид 19, а знаел.

Земјите на ЕУ уништуваат вакцини против ковид во вредност од 4 милијарди евра. 

https://www.politico.eu/article/europe-bonfire-covid-vaccines-coronavirus-waste-europe-analysis/

Според извештајот на Статистика на Канада, од „неодредени причини“ во 2022 година како причини за смрт ги пренеле мозочните удари, аневризмите, хроничен бронхитис, емфизем, астма, дијабетес, грип и пневмонија, хронични заболувања на црниот дроб и цироза, Алцхајмерова болест и самоубиство.

Статистиката на Канада, позната и како StatCan, го објави извештајот на 27 ноември во The Daily, онлајн билтенот за вести на агенцијата. Канада пријави 300 проценти зголемување на „неодредени причини“ за смрт, што предизвика повици за истрага. Новиот извештај на канадската влада открива 300 проценти пораст на смртноста од „неодредени причини” од 2019-2022 година, бидејќи непознатите причини се искачија на петтата водечка причина за смрт во Канада. Некои здравствени експерти рекоа дека големото зголемување треба да предизвика истрага за тоа дали смртните случаи се поврзани со вакцините за ковид 19. 

Изворот на кој се повикува објавата што ја рецензираме е овој извештај. Во него пишува дека трета година по ред, животниот век кој се очекува да го доживее еден Канаѓанец, опаѓа. Во 2021 година бил 81.6 години, а во 2022 година 81.3 години поради бројни фактори.
Очекувањата за животниот век се зголемуваат кога има помалку смртни случаи генерално, или кога смртта настапува кај постари личности, или кога се комбинираат тие два фактори. Очекувањето за животниот век се намалува кога има повеќе смртни случаи, кога тие се кај помлади луѓе или кога има комбинација од тие два фактори. Со испитување на промените во смртноста по возрасни групи, можно е да се идентификуваат некои од причините кои придонесоа за промените во животниот век во Канада. Во 2022 година, зголемената смртност меѓу помлади возрасни групи делумно се однесува на смртни случаи кои се предмет на кривична истрага, или пак, кои се ненамерни поврзани со смрт поради интоксикација, убиства и самоубиства. Таквите смртни случаи се класифицираат како „други недефинирани и неспецифицирани причини на смртта“ (other ill-defined and unspecified causes of mortality), додека не се открие конечната причина за смртта, пишува во извештајот на првата страница.
Токму овие други недефинирани и неспецифицирани причини на смртта, во објавата што ја рецензираме лажно се презентираат како ,,неодредени причини” за смртноста и неосновано се поврзуваат со вакцинацијата против ковид-19. Значи, никаква вакцинација против ковид-19 не е причина за намалениот животен век во Канада, а овие смртни случаи, чиј број, според извештајот, изнесува 16.043 случаи во 2022 година (страница 2 од извештајот) се однесуваат на „смртни случаи кои се под истрага на судски вештак и типично претставуваат ненамерни повреди, на пример поврзани со смрт поврзана со токсичност од супстанца, убиства и самоубиства“, како што впрочем и јасно е наведено во извештајот. 
Кога во објавата се вели дека „Канада пријавила 300 проценти пораст на смртноста од неодредени причини од 2019 до 2022 година“, се алудира на погорните бројки од табелата (последниот ред). Во 2019 година, според табелата од вакви причини починале 3.378 лица, во 2020 година 6.841 лице, во 2021 година 9.471 и во 2022 година 16.043.
Но, дека ковид вакцинацијата не може да биде причина за зголемената смртност за која причините уште се истражуваат (недефинирани и неспецифициирани причини за смртта) покажуваат бројките од 2019 и 2020 година. Ако се споредат, се гледа  дека има пораст. Во 2019 година имало 3.378 случаи, а во 2020 година 6.841 случај. Но, вакцината против ковид-19 не би можела да биде причина за овој пораст, затоа што во овие две години ја немаше! Таа првпат почнува да се администрира во Канада дури на крајот на годината во 2020 година (14 декември 2020 година).

Во Канада, ракот и срцевите заболувања се двете водечки причини за смртност во 2022 година и во нив се вбројани 44.3 проценти од смртните случаи. Меѓу останатите водечки причини за смртноста во Канада, според извештајот се ковид-19, несреќните случаи и ненамерни повреди, удари, хронични долнореспираторни болести, дијабетес мелитус, инфлуенца и пневмонија, Алцхајмерова болест и хронични болести на црниот дроб и цирозата. Она коешто се прави обид да се презентира како „смртност од ковид вакцини“ во оваа објава, се всушност смртните случаи кои се резултат на несреќи или ненамерни повреди (смртни случаи испитувани од судски вештак, како и смртни случаи од предозирање со супстанци).

Со испуштање да се наведе дека во извештајот точно е опишано дека тие смртни случаи уште се предмет на истрага, се пропушта контекстот и на граѓаните им се презентира лажна слика дека тие се поради ковид вакцини, иако вакцините против ковид не се ни споменати во извештајот и не се ни знае колку од починатите се вакцинирани, а колку не се.

Мора да се напомене, дека не е првпат недефинираните и неспецифицираните причини на смртта во Канада неосновано да се поврзуваат со ковид вакцинацијата. Тоа беше направено и во 2022 година во слични објави и беше дебанкирано од проверувачите на факти на Фул Фект.

Во објавата што ја рецензираме неосновано се клеветат ексминистерот за здравство Венко Филипче, поранешниот премиер Зоран Заев и комисијата за заразни болести дека „знаеле дека ковид вакцините продуцираат хронични болести и смрт“. Ниту вакцините против ковид продуцираат хронични болести и смрт, ниту пак, има докази дека горенаведените лица  „знаеле“ за такво нешто. Во Агенцијата за лекови и медицински средства се испраќаат сите несакани ефекти и секој може да испрати известување доколку има несакани ефекти од вакцината, што се случува, но нема никакви аларми за наводна зголемена смртност предизвикана од неа.

Во објавата се споменуваат и детските календарски вакцини, за кои сите информации за нивната безбедност и ефикасност може да ги пронајдете овде, на страница каде се објавени информации проверени од медицински професионалци и од страна на овластени државни здравствени институции задолжени да се грижат во С. Македонија да се најдат истите безбедни и ефикасни вакцини кои се користат во цела Европа, од кои некои, со децении наназад.

Според сајтот на МЗ, безбедно е да се примаат повеќе вакцини истовремено и тоа не го нарушува одбранбениот систем на детето. Секоја вакцина треба да се прими навремено, според календарот на имунизација за да се обезбеди најдобра заштита и имунитет. Пропуштена вакцина или одложена вакцина може да го изложи детето на висок ризик од опасни болести.

Повеќето деца немаат никакви сериозни проблеми после вакцинацијата. Вакцината, како и секој лек, може да имаат несакани ефекти. Чести несакани ефекти се болка во раката од боцкањето, температура и благо исипување. Многу ретки несакани ефекти се алергиска реакција или грчеви. Несаканите ефекти може да ги пријавите во МАЛМЕД, пишува на сајтот на Министерството за здравство за информации и разбивање митови околу вакцинацијата кај децата.

Не е точно ниту наведеното во објавата, дека италијанскиот министер за здравство е под истрага за убиство и прикривање на податоци за смртност и повреди од вакцините за ковид-19. Вистиномер ја рецензираше оваа дезинформација неодамна.

Инаку, земјите од ЕУ навистина уништиле вакцини против ковид во вредност од најмалку 4 милијарди евра, но тоа не е поради нивната неефикасност, ниту поради тоа што предизвикуваат смртност и хронични болести, како што невистинито се тврди во објавата што ја рецензираме. Причините за тоа не се наведени во анализата на Политико, иако таа се цитира како извор во објавата.

Ама, можно е, поради тоа што пандемијата се повлече, се намали драстично и интересот на граѓаните за вакцини против ковид-19, па тоа да довело нивниот рок да истече и да мора да се уништат.

За крај во објавата што ја рецензираме, се наведува дека во извештајот на Заводот за статистика на Канада, „неодредени причини за смртност“ биле мозочните удари, аневризмите, хроничен бронхитис, емфизем, астма, дијабетес, грип и пневмонија, хронични заболувања на црниот дроб и цироза, Алцхајмерова болест и самоубиство”.

Но кога ќе се прочита извештајот, на првата страница станува јасно дека тоа не е вистина бидејќи таму пишува:

Меѓу десетте водечки причини за смрт во 2022 се ковид-19, несреќи (ненамерни повреди), цереброваскуларни болести, хронични долнореспираторни болести, дијабетес мелитус, инфлуенца и пневмонија, Алцхајмерова болест, хронична болест на црниот дроб и цироза. 

Овие причини се одредени, а не „неодредени”, како што лажно се тврди во објавата што ја рецензираме.

Поради сите горенаведени факти, објавата која ја рецензираме ја оценуваме како невистинита.

Петти мировник на ОН е ранет во јужен Либан, САД и Европа ги осудија нападите на Израел врз мировниците

Петти мировник на ОН е ранет во јужен Либан откако бил погоден од огнено оружје, соопштија привремените сили на ОН во Либан (Унифил). Во соопштение, Унифил вели дека мировникот во...