Објавен конкурс за стипендии за ученици од дуални паралелки од здравствена струка

Висината на стипендијата ќе изнесува 3.500 денари месечно и ќе се исплатува во траење од девет месеци во годината

Фото: Vidhyarthi Darpan from Pixabay

Министерството за образование и наука (МОН) објави конкурс за доделување 500 стипендии за ученици кои ќе се запишат во паралелки во стручно образование во кои ќе се реализира практично образование со зголемен број часови согласно програмите за стручно образование од здравствена струка, односно дуални паралелки од здравствена струка за учебната 2023/24 година.

Право на стипендија имаат учениците кои постигнале минимум континуиран успех од 3,00 во досегашното образование, кои не повторувале година, не се корисници на стипендија од други институции или фирми и кои се државјани на Република Северна Македонија.

Критериум за доделување на стипендиите е постигнат успех, стои во конкурсот.

Заинтересираните ученици кои ги исполнуваат условите треба да пополнат електронска пријава и да ја прикачат соодветната документација на „е-услуги“ на МОН, најдоцна до 11 јануари.

Списокот со избраните добитници на стипендија ќе биде објавен на интернет-страницата на МОН, најдоцна по шеесет дена од денот на завршување на конкурсот.

Висината на стипендијата ќе изнесува 3.500 денари месечно и ќе се исплатува во траење од девет месеци во годината за времетраењето на учебната 2023/2024 година.

Целосниот конкурс и потребните документи може да се најдат на овој линк.