Учениците ќе може да останат на продолжен престој во училиште, но без да се мешаат паралелките

Одделенијата кои ќе започнат настава со физичко присуство, односно учениците од иста паралелка и од исто одделение ќе може да останат на продолжен престој во училиштето, без притоа да се мешаат паралелките и одделенијата. Оваа одлука ја донесе Владата на денешната седница.

Оттаму информираат дека усвоен е и извештајот на Комисијата за давање согласности за организирање настава со физичко присуство во училиштата за барањата на основачите, доставени во периодот од 25 до 29 септември годинава.

Од вкупно разгледаната документација на 225 основни училишта и 27 средни училишта, Комисијата дава согласност за започнување на настава со физичко присуство за 129 основни училишта, 5 музички училишта и 3 средни училишта. Согласност не добиле 91 основно училиште и 33 средни училишта.

Владата денеска ја прифати и препораката на Комисијата за заразни болести да отпочнат со работа дневните центри за лица со попреченост, а исто така го усвои и протоколот за работа на игротеките со стриктно почитување на мерките и веќе усвоениот протокол за работа на дневните центри во услови на епидемија со ковид-19.