fbpx

Туск – Иванов: ЕУ е подготвена да ѝ даде хуманитарна и техничка помош на Македонија

-

ЕУ е подготвена да продолжи да ѝ дава поддршка на Македонија преку хуманитарна и техничка помош, преку агенциите на Унијата, изјави денеска во Скопје претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, на заедничката прес-конференција со претседателот Ѓорге Иванов.

– Подготвени сме да обезбедиме многу повеќе откако ќе имаме проценка за вашите потреби. Ќе зборувам со земјите-членки на ЕУ за тоа што повеќе може да се направи во оваа смисла за да се осигураме дека нашата поддршка за вашата земја и за регионот ќе биде на исто ниво како предизвиците со кои се соочувате – рече Туск.

Според Туск, безвизниот режим и шенгенската зона може да опстанат само доколку им се помогне и на земјите кои се први на ударот на бегалскиот бран.

– Доколку сме сериозни и сакаме да го задржиме шенгенскиот систем и патувањето без визи, тогаш мора да бидеме и сериозни и да им помогнеме на земјите кои се на првата линија како што е вашата – рече Туск, додавајќи дека секоја земја има право и обврска да ја штити својата граница.

Претседателот на европскиот совет рече дека за ефикасно да се менаџира на кризата, неопходно е сите земји од рутата да соработуваат и да има ефикасна координација меѓу нив. Тој истакна дека главна цел на ЕУ е не само да се олесни транзитот на бегалците, туку и да се намали протекот.

– Тоа значи дека треба да се внимава на финансиската поддршка која би се дала за Турција и за Африка за да може да се намали протекот на бегалци, но тоа значи еднакво и заштита и помош на вашата земја – рече Туск.

Претседателот Иванов, од друга страна, посочи дека Македонија ги чувствува последиците од нефункционалниот механизам на Унијата за распоредување на бегалците во земјите-членки, од неспроведувањето регистрација на бегалци и на мигранти во земја-членка на Унијата, како и од едностраните национални одлуки во земји-членки на Унијата кои го ограничија протекот на лицата без претходно да информираат за ваквите чекори. Иванов истакна дека Македонија досега нема добиено помош од ЕУ за справување со миграциската криза.

– И покрај ветувањата, Македонија нема добиено никаква финансиска и техничка помош од Европската унија, во однос на мигрантската и на бегалска криза. Иако баравме од Унијата и опрема за регистрација на мигрантите и на бегалците и опрема за надзор над државната граница, не добивме ништо. Македонија ги троши сопствените буџетски средства за менаџирање на оваа криза. Само за потреби на безбедносните служби досега се потрошени повеќе од 10 милиони евра. Се соочуваме со недостиг од материјални, кадровски и технички капацитети, да одговориме на заканите и на ризиците по националната безбедност – рече Иванов.

Претседателот на Советот на Европа попладнево ќе се сретне и со премиерот Никола Груевски, а по посетата на Македонија, ќе отпатува за БИХ и за Хрватска.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Промовирани новите полициски службеници, генерација 2023-2024

Денеска се одржа пригодна церемонија по повод свечената Промоција на нови полициски службеници - генерација 2023-2024 година, во Центарот за обука на МВР во Идризово, на која покрај раководството...