Русија изврши нов ракетен напад врз градот Запорижја, во кој животот го загубија најмалку три лица, а девет се повредени, јавува Укринформ. Меѓу повредените е и 11-месечно бебе. Руските ракети завршиле во станбен кварт во Запорижја, а како резултат на ракетирањето имало и пожар во погодените објекти. Покрај станбени згради, погодени се и продавници и друга цивилна инфраструктура. Украинските власти информираа дека собираат докази за извршени руски воени злосторства при овој напад.
Руските сили во изминатово деноноќие извршиле бомбардирање и на други делови во Украина. Во регионот Ривне во северозападниот дел на Украина со дронови било нападнато нафтено депо. Во нападот овој објект бил уништен, а се појавил и силен пожар, но нема информации за жртви, пренесува Укринформ.
Украинската противвоздушна одбрана изминатово деноноќие дејствувала и во Кијив и во Хмелницкиј. Во украинскиот главен град не се забележани оштетувања од нападите, но во Хмелницкиј биле слушнати силни експлозии. Засега нема информации за тоа какви објекти биле погодени во нападот, пренесува Укринформ.
За да се подобрат капацитетите на украинската противвоздушна одбрана, Германија се согласи да ѝ помогне на Украина со два дополнителни противвоздушни системи Патриот. Украинскиот претседател Володимир Зеленски се заблагодари за воената поддршка, наведувајќи дека со најновите системи земјата е чекор поблиску до воспоставување на целосен противвоздушен штит од руските воздушни напади. Помошта ќе им помогне на луѓето, на градовите и на селата, истакна Зеленски.
Гардијан ги пренесува информациите на руските власти дека во изминатата ноќ во Москва биле соборени два украински дрона. Руските сили собориле и 11 дронови во близина на градот Севастопол на полуостровот Крим, каде што е лоцирана руската црноморска флота. Русија за ваквите напади ја обвинува Украина, која пак се воздржува од коментари.