МОН без одговор што ќе се случи со студентите ако не биде готов тетовскиот студентски дом

Студентите кои се заинтересирани да престојуваат во домот во Тетово ќе треба да имаат и алтернативно решение, бидејќи приемот ќе се направи само доколку домот обезбеди услови за работа до октомври, пишува Порталб

Фото: Порталб

Студентите кои аплицираат за сместување во студентскиот дом Тетово ќе бидат примени под услов домот да обезбеди услови за работа до 1 октомври 2023 година. Ова стои во огласот на Министерството за образование и наука за приемот на студентите во студентските домови за академската година 2023/2024. Но, што ќе се случи со студентите кои ќе аплицираат за сместување во овој дом доколку истиот не биде готов до почетокот на семестарот? Од Министерството за образование и наука не одговорија на ова прашање од интерес за студентите, пишува Порталб.мк.

Студентите кои се заинтересирани да престојуваат во домот во Тетово ќе треба да имаат и алтернативно решение, бидејќи приемот ќе се направи само доколку домот обезбеди услови за работа до октомври.

Министерството за образование и наука до објавувањето на овој текст не одговори на прашањата на Порталб.мк за тоа што ќе се случи со студентите кои ќе аплицираат.

Да потсетиме дека министерот за образование Јетон Шаќири пред два дена за Порталб.мк изјави дека студентскиот дом е комплетиран, но се очекува во овој период да се регистрира во Централниот регистар и други институции.

Освен на огласот објавен од страна на МОН за овој конкурс, информација во врска со домот не се наоѓа ниту на веб страната на Универзитетот во Тетово. Прашавме во универзитетот дали сметаат дека е оправдан еден конкурс со таков услов, но оттаму кратко нè информираа: „До 22 август сме на годишен одмор“.

Од друга страна, од Форумот за промени во образование (ФПО) за Порталб.мк рекоа дека со овој конкурс за тетовскиот дом постои ризик студентите да останат на улица. Оттаму потенцираат дека Тетово и студентите од овој град чекаат отворање на студентски дом веќе 28 години, односно од основањето на Универзитетот во Тетово во 1994 година.

„Поминаа три децении, а студентскиот дом се вети пред шест години и оттогаш се сменети шест министри – секој од нив, за сиве овие години, по еден камен да ставеше, овој дом ќе беше готов многу порано. Од нивната неспособност да исполнат една основна потреба на студентите, трпат студентите кои се приморани да плаќаат приватни сместувања, а поради инфлацијата, становите и собите се издаваат по високи цени. Тоа што стои во конкурсот на МОН, дека домот ќе биде готов оваа академска година „доколку се исполнат условите“ е скандалозно, со други зборови МОН им вели на студентите доколку не успееме да го ставиме во употреба домот, иако е поминат секој рок, вие ќе останете на улица и треба сами да си најдете сами решение“, велат од Форумот за промени во образование.

Да потсетиме дека за разлика од конкурсот на МОН, министерот Јетон Шаќири, заедно со првиот вицепремиер Артан Груби, пред два дена на нивните Фејсбук профили се пофалија дека домот ќе биде готов за академската година 2023/2024 која почнува во октомври.

Во овој дом според конкурсот, предвидено е да се примат 300 студенти и тоа 60 од прва година и 240 од втора година и нагоре.

Студентите кои аплицираат на конкурсот треба да пополнат електронска апликација и да ја приложат соодветната документација на интернет порталот http://e-uslugi.mon.gov.mk. Студентите можат да конкурираат за прием само за еден студентски дом. Рокот за аплицирање на сите студенти трае до 11 септември 2023 година. Доколку по објавувањето на конечните списоци со примени студенти во домовите остануваат непополнети места, аплицирањето ќе продолжи сè до пополнување на истите, најдоцна до 30 ноември 2023.

Маратон на ветувања за студентскиот дом

Овој дом се ветува од 2016 година. Дента кога Владата на Северна Македонија го донесе Законот за основање на Универзитетот „Мајка Тереза“ се најави и изградбата на овој дом, а истата година се распиша и тендерот за изградба.

И покрај фактот дека тендерот за изградба се распиша во септември 2016 година, немаше одлука за започнување на работите. Одлуката официјално се донесе на крајот на март 2018 година и тогаш беше предвидено овој објект да се финализира во април/мај истата година.

Но, и во овој временски рок тоа не беше направено. Потоа, од МОН рекоа дека домот треба да биде завршен до крајот на 2021 година, што не се случи.

На почетокот на 2022 година, актуелниот министер Јетон Шаќири изјави дека домот се очекува да биде готов за семестарот што започна во октомври минатата година, но и ова ветување не беше остварено.

Најновото ветување беше дека домот ќе биде пуштен во употреба во октомври оваа година за академската година 2023/2024.

Немањето студентски дом претставува проблем за многу студенти кои немаат живеалиште во Тетово, бидејќи за нив цените на приватните станови се скапи, а издржувањето на трошоците не е лесно за студентите, исто како што не е лесно ниту наоѓањето на еден или повеќе цимери/ки за да се делат просторот и трошоците.