Обилни дождови, невреме и поплави, за само седум дена подоцна да биде прогласена портокалова фаза на високи температури. Две временски екстреми за многу краток период ја погодија Северна Македонија летово, што, според експертите, укажува на тоа дека и земјава го чувствува разорното влијание од климатските промени. Прогнозите за иднината на македонското поднебје се зачестени топлотни бранови и намалени ледени денови, од што последиците ќе бидат најпогубни за земјоделието.
Кон крајот на јуни и почеток на јули во земјава беа забележани две климатски екстреми. Прво, искусивме обилни дождови, невреме и поплави кои во одредени случаи предизвикаа отежнат сообраќај, поплавени домови, улици и автомобили, уништени шуми, оштетена патна инфраструктура, однесени пешачки мостови и други материјални штети. Поплави имаше во речиси сите краеви од државата и тоа во Прилеп, Охрид, Берово, Делчево, Кочани, Крива Паланка, Штип, Велес, Кавадарци и Струмица.
Само една седмица по последната поплава во Берово од 7 јули, во земјава пристигна првиот аларм за преминување кон портокалова фаза летово. На 12 јули беа издадени мерки и препораки за заштита на граѓаните од високите температури, кои траат сè уште.
Ваквите досега нетипични појави го потврдуваат постоењето на климатските промени, при што ни е прикажан само мал дел од она што може да следува и што ќе биде особено опасно за животната средина и луѓето, велат експертите.
Од Здружението за одржлив развој и заштита на животната средина „Гоу Грин“ велат дека набљудувањето на климата во последните неколку години несомнено укажува на нејзино целосно менување.
„Дефинитивно ваквите временски појави не се својствени за летен период во овој регион, но за да може да кажеме дека тоа е поради климатските промени мора ваквите случувања да се следат на долг рок (5 до 10 години) за да утврдиме дека навистина станува збор за комплетно менување на климата. Е сега, доколку ги погледнеме наназад температурите во последните години во нашата земја ќе забележиме раст на температурите во лето, намалување на врнежите во текот на годината, намалување на врнежи од снег – и со тие податоци може да докажеме дека климатските промени се случуваат кај нас“, велат од Гоу Грин.
Според нив, бројни извештаи покажуваат дека во иднина нема да биде можно да се предвидат временските непогоди или нивната ескалација доколку не се ограничи затоплувањето на 1,5 Целзиусови степени.
„Тоа што денес го знаеме е дека климатските промени кај нас предизвикуваат суши поради намалени врнежи од дожд, а тоа пак предизвикува идеални услови за пожари. Климатските промени не се директни предизвикувачи на пожари, но сепак создаваат идеални услови за нив. Пожар може да се случи од обичен отпушок фрлен од автомобил додека се возите, а може и да дојде до самозапалување на некои предели, особено во дивите депонии“, велат од Гоу Грин.
Потопла зима и поврнежливо лето
Но, не само последните два месеца беа одбележани со нетипична клима за летниот период. Податоците од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) веќе извесно време покажуваат отстапувања од просечните температури на воздухот и количествата врнежи.
Дури и ако се погледнат извештаите само за годинава, може да се забележат драстични разлики во споредба со просечната клима што владеела на овие простори во изминатите три децении.
Главниот заклучок што може да се извлече од податоците на УХМР е дека зимските месеци во земјава стануваат потопли, додека кај пролетните е забележано благо заладување, како и зачестени врнежи.
Месецот јануари оваа година, според извештаите на УХМР се карактеризира како екстремно топол и просечно до влажен месец во споредба со многугодишните просечни вредности. Највисоката температура за овој месец од 19,9 степени била измерена на 18 јануари во Демир Капија.
Февруари бил просечен до топол и екстремно сув. Забележани се температури под нула степени во првите 15 дена од месецот, но од 16 до 26-тиот ден се случил топлотен бран на целата територија на државата, а температурата во Гевгелија стигнала и до 22,8 степени.
Март е опишан како просечен кон потопол и просечен кон многу влажен локално. Измерената месечна сума на врнежи била 5мм над просечната на ниво на држава.
Април се карактеризира како постуден и поврнежлив месец во споредба со многугодишните просечни вредности. На 6 и 7 април била забележана појава на мраз, а измерената месечна сума на врнежи била 48 проценти над просечното ниво.
Мај е регистриран како многу студен со вообичаени количества врнежи, но зголемена релативна влажност. Најниската минимална температура за месецот била измерена во Лазарополе на 5 мај и изнесувала 1 степен.
Јуни во извештаите е внесен како постуден од вообичаено и екстремно врнежлив месец со споредба со многугодишните просечни вредности. Споредено со јунската просечна вредност за периодот од 1981 до 2020 година, месечната сума на врнежи била дури 88 проценти над просекот.
Просечните температури повисоки и до 3 степени во споредба со изминативе три децении
Климатските проекции на Управата за хидрометеоролошки работи и истражувањата покажуваат дека нè очекува уште потопла и посушна клима. Според нив, се очекува зголемување на топлите екстремни настани и намалување на студените.
Постои голема веројатност за надминување на температурите од многугодишните просечни вредности, кое може да достигне разлика и до 3 степени на целата територија на државата.
„Амплитудата на оваа промена првенствено ќе биде поврзана со идната концентрација на стакленички гасови. Тоа значи зголемување на бројот на летните денови и бројот на тропските ноќи, зголемување на времетраењето и зачестеноста на топлотните бранови на целата територија, а намалување на мразните и ледени денови, пократки студени бранови во иднина, со можност за нивно исчезнување”, објаснува советникот за климатски промени во УХМР, Александар Проданов.
Покрај тоа, од УХМР велат дека се очекува потенцијално зголемување на дневните екстремни врнежи што ќе предизвикаат поголем ризик од буични поплави, но времетраењето на последователните сушни денови ќе го зголемат ризикот од суша.
„Како резултат на потоплите временски услови, ќе се зголеми и должината на вегетацискиот период“, вели Проданов.
Остатокот од летото, прогнозира УХМР, ќе биде потопло, а врнежите се очекува да бидат просечни. Според анализите на целиот југоисточен регион на Европа се очекува температурите да ги надминат поранешните просечни вредности.
Најголемото негативно отстапување на врнежите е предвидено во август, а во планинските делови постои голема веројатност да се надминат просечните врнежи поради епизоди на засилена конвекција и обилни врнежи. Очекувани се периоди од исклучително топло и сушно време.
Климатските екстреми кои тековно ги искусуваме се несомнен доказ за климатските промени, а нивните последици се сериозни и особено погубни за земјоделството.
Бројот на врнежи на дожд ќе се намали, но кога ќе врне, тоа ќе бидат поројни и силни дождови кои пак може да предизвикаат поплави или лизгање на земјиштата, велат од Гоу Грин.
„Најпогодени ќе бидат водите. Врнежите ќе се намалат за 3% до 2025 и до 5% до 2050. Оттука, најголемите последици ќе бидат врз земјоделието. Температурите во летниот период особено ќе растат особено во јужниот дел каде ќе постигнат суптропски температури“, велат од Гоу Грин.
Пишуваат: Антонија Јаневска и Гоше Николов