Температурите рушат рекорди, не сме подготвени да се справиме со климатските промени [инфографик+фото]

Фото: Архива на Мета.мк

Долготрајни суши, топли зими по кои следуваат ладни бранови напролет, снежни врнежи кои одредени региони од земјава не ги имаат во зима, интензивни врнежи од дожд и град за кратко време кои предизвикуваат поплави. Ова се само дел од временските непогоди со кои се соочува С.Македонија во изминативе години. Влијанието на климатските промени, за кои многумина во нашето општество сметаат дека претставува апстрактен поим, се веќе присутни и се чувствуваат преку зголемувањето на просечните средногодишни температури на воздухот.

Според податоците на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), минатата година се карактеризирала како топла до екстремно топла во јужниот дел на земјава. Што се однесува до врнежите, 2020 година била сушна во западниот и источниот регион, додека останатиот дел се категоризира со нормални до влажни услови.

Податоците на УХМР и на Министерството за животна средина и просторно планирање за 2019 година покажуваат рекордни позитивни отстапувања на температурите во населените места. Скопје како главен град, во 2019 година имал рекордно позитивно отстапување од 2 степена во однос на просечната средногодишна температура на воздухот за периодот 1981-1990 година.

Во Гевгелија просечната средногодишна температура на воздухот за периодот 1961-1990 година изнесувала 14,1 степени, но во 2019 година таа достигнала 16,6 степени, односно забележано е позитивно отстапување од дури 2,5 степени. И Лазарополе како едно од најстудените места во земјава пред две години ги почувствувало промените кај климата. Иако просечната температура за периодот 1961-1990 година била 6,8 степени, во 2019 година во ова планинско село бил измерен просек од 8,5 степени.

Од УХМР за „Мета.мк“ објаснуваат дека во последниве 20-тина години средните температури се континуирано повисоки од многугодишниот просек. Тоа го покажале истражувањата на нивниот Сектор за метеорологија.

„Со последното истражување кое е правено за Скопската котлина е забележано дека од последните 10 години, само 2011 година не се вбројува во дваесетте најтопли години за периодот 1951-2020“, велат од УХМР.

Температурите ќе растат до 2100 година, изработени различни сценарија

Земјава лани веќе го изработи Извештајот за проекции на климатските промени и за промени во екстремните климатски настани во Република Северна Македонија, во којшто е опфатена анализа за три временски периоди: блиска иднина (период 2016-2035 година), средина на векот (период 2036-2065 година) и крај на векот (период 2081-2100 година). Притоа, за секој од нив се изготвени три различни сценарија за емисиите на стакленички гасови: ниско, средно и високо.

Од истражувањата кои ги направи УХМР за 27 индикатори може да се посочи дека бројот на летни денови (денови кога максималната дневна температура е над 25 степени) во трите временски периоди ќе се зголемува според сите сценарија. Се очекува бројот на летни денови да се зголеми до 20 дена кај ниското сценарио кај сите три периоди. Но, средното сценарио предвидува зголемување на бројот на летни денови до 30 на средината на векот и до 40 дена за крајот на векот. Кај високото сценарио промената на средината на векот е многу слична на промената кај средното сценарио за крајот на векот, но кај последниот период промената е уште поголема, а за поголемиот дел од територијата очекуваното зголемување е околу 60 до 70 дена, во споредба со периодот 1986-2005 година.

„Според ова високо сценарио до крајот на векот би се очекувало на пример во Берово во текот на годината да има приближно летни денови колку сегашниот просечен број во Струмица, односно Гевгелија за периодот 1986-2006 година“, појаснуваат од УХМР.

Во однос на тропските ноќи (ден кога дневната минимална температура е над 20 степени), промената до 2035 година за сите три сценарија покажува зголемување на бројот на тропски ноќи за околу 5 дена, со максимум од 10 дена. Кај ниското сценарио до крајот на векот промената е иста, но кај средното и високото сценарио максималната промена достигнува до 30 дена повеќе тропски ноќи за периодот 2046-2065 година. Од УХМР велат дека за крајот на векот, кај високото сценарио максималната промена во областите со мала надморска височина е +60 дена, а во планините промената е околу +10 дена.

Во делот на количествата на дневните максимални врнежи, се очекува тие да се зголемат споредено со периодот 1986-2005 година, на најголемиот дел од територијата. Во блиска иднина зголемувањето се проценува за околу 5 отсто, а за средината на векот во северниот и западниот дел преку 10 отсто. За крајот на векот кај ниското и кај средното сценарио промената се очекува да биде иста. Кај високото сценарио, за крајот на векот зголемувањето во некои делови е малку повисоко и изнесува околу 20 отсто.

Во иднина се очекува намалување на студените и зголемување на топлите екстремни настани. Покрај намалувањето на екстремно студените настани, трите сценарија за до 2100 година предвидуваат дека во земјава ќе се намалува бројот на мразни денови (денови кога минималната температура е под 0 степени) и на ледени денови (денови кога максималната дневна температура е под 0 степени) во годината, но и ќе расте должината на вегетацискиот период кај растенијата.

„Проценките на степен на загрозеност од различни ризици на глобално ниво важи и за Македонија. Екстремните временски непогоди, природните катастрофи и неуспешното справување со климатските промени се на првите места на листата на најверојатни ризици со кои се соочува човештвото во последните години“, објаснуваат од УХМР.

Емисиите на стакленички гасови се клучни

Сепак, кое од трите сценарија ќе се оствари до крајот на овој век во нашата земја зависи од тоа колкави ќе бидат емисиите на стакленички гасови во атмосферата, кои се директен причинител за климатските промени. Овие штетни гасови ги испуштаат секторите енергетика, индустриски процеси и користење производи, земјоделство, шумарство и отпад. И граѓаните и властите играат улога во секое од овие сценарија: од тоа со кое превозно средство ќе се возиме, како ќе ги загреваме како граѓани нашите домови и како ќе го третираме отпадот до клучните прашања дали земјава ќе произведува енергија од јаглен и фосилни горива, како ќе се справи со уништувачите на шумите и со индустриските загадувачи.

Елена Николовска од Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест“ објаснува дека како земја сè уште не сме го сфатиле Парискиот договор за заштита на климата сериозно, бидејќи немаме климатска акција пренесена во конкретни закони и подзаконски акти.

„Иако годинава ние донесовме навистина амбициозни национални придонеси кон клима со кои ветуваме дури 51 отсто намалување на националните емисии на стакленички гасови, сепак недостасува планирање и волја да се направи повеќе за да обезбеди навремена имплементација на овие амбициозни документи. Во нив мора да има јасни индикатори за следење до каде сме стигнале со имплементација, кои сега ги нема, и овие мора да бидат комуницирани со сите релевантни институции, локални власти и јавноста. Недостасува и сериозна координација помеѓу централните и локалните власти без која климатска акција не е возможна“, вели за „Мета.мк“ Елена Николовска.

Последиците од климатските промени покрај тоа што може да се почувствуваат, вклучени се и во анализата за климатски екстреми во земјава направена како дел од CBIT проектот. Потоплата клима означува и поголеми суши, а не очекуваат и екстремни бури кои ќе предизвикуваат поплави.

Според извештаи на Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации ваквата состојба ќе го загрози производството на храна но и квалитетот на храна која ќе можеме да ја одгледуваме. Здравствениот сектор ќе биде еден од најпогодените. Токму затоа потребно е системско вклучување на здравјето во националните придонеси кон климатските промени, како и во националните планови за прилагодување кон клима“, појаснува Елена Николовска.

Емисиите на стакленички гасови од транспортот во континуитет растат во земјава; Фото: Бојан Блажевски

Барањето за донесување на Законот за клима и Сеопфатна стратегија за климатска акција во согласност со Рамката на ЕУ 2030 го побара и Европската Комисија во минатогодишниот Извештај за напредокот на земјава. Од ЕУ побараа земјава годинава значително да ги засили амбициите кон спроведување на Парискиот договор, да го донесе законот и стратегијата, како и да развие Национален план за енергетика и клима.

„Долгорочната стратегија и Законот за климатска акција се во завршна фаза на подготовка. Се предвидува дека Владата ќе ги донесе пред крајот на 2021 година“, информираат за „Мета.мк“ од Министерството за животна средина и просторно планирање.

Сепак, тие додаваат дека законот нема за цел да ги предвиди случувањата за климатска акција за кои во моментов се дебатира во ЕУ, кои се однесуваат за целите за наредните децении. Од министерството велат дека законот ќе биде флексибилен за да може да се адаптира на новите претстојни барања. Од Министерството за животна средина и просторно планирање велат дека Законот за климатска акција ќе даде основа за воспоставување на различни инструменти, како што е оданочувањето на емисиите на јаглерод, кое би се засновало на темелна анализа и специфични правила.

„Законот за климатска акција ја транспонира шемата за трговија со емисии (Директива ETS) до каде што може. Дава правила за дозволи за емисии на стакленички гасови и обврски за следење и известување за стакленички гасови од страна на операторите (од индустријата и авијацијата)“, велат од ова министерство.

Како и во многу други општествени сфери, со новиот закон Македонија нема да ги одбере правилата за учество во шемата на трговија со емисии како земја-членка на ЕУ, туку е одбрана опцијата земјава да се подготви за учество во ЕУ Директивата ETS. Станува збор за директива која е клучниот камен-темелник во имплементацијата на европската политика за намалување на емисиите на стакленички гасови.

Последиците од климатските промени веќе ги чувствуваме

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Комисијата за штети при Владата на РСМ секоја година исплаќаат во просек по 3,5 милиони евра на земјоделците по основ на штети од временски непогоди.

„Токму затоа, решивме дека е време да воспоставиме организиран пристап за прилагодување и заштита на земјоделските производи преку воспоставување на систем на земјоделско осигурување во нашата земја“, ни рекоа од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Сепак, големото “одврзување” на ќесето за земјава е првенствено насочено кон обезбедувањето средства во однос на изградба на хидросистеми за наводнување и брани на акумулации, како и водоснабдителни системи за населението за вода за пиење. Проектите кои се во фаза на реализација или треба допрва да се реализираат ќе чинат над 307 милиони евра, велат за „Мета.мк“ од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Покрај тоа што ќе треба да ги задоволат долготрајните потреби од вода за различни намени на населението од одредени региони во земјава, овие инвестиции се во насока на заштита од влијанието на климатските промени во земјава.

Станува збор за проектите: брана на Оризарска река, брана Конско во Гевгелија, ХМС Равен – Речица во Полог, брана на река Слупчанска, пречистителни станици за вода за пиење во Штип и Карбинци на хидросистемот „Злетовица“, наводнување на Јужна долина на Вардар, системот Дисанско поле – Тиквеш, четири системи за наводнување во сливот на реката Вардар (Лисиче, Пепелиште, Јужен Вардар – трета фаза и Конско) и два мали системи за наводнување – Чаушица и Славишко Поле.

Покрај наголемувачката потреба од вода за различни намени, климатските промени предизвикуваат најмногу штети токму во земјоделството. Универзитетскиот професор Тошо Арсов од Институтот за овоштарство, лозарство и винарство на Факултетот за земјоделски науки и храна при УКИМ вели дека овоштарството претрпува редовни штети од временските непогоди.

Почестите временски непогоди доведуваат до уништување на родот на овошките; Фото: Бојан Блажевски

Тој вели дека се случува многу често последниве години да имаме топла есен до доцна, дури и почетокот на зимата да биде топол, како и да се појави затоплување во периодот февруари-март, по кој следуваат ниски температури кон крајот на март, дури и на почетокот на април.

„Во зависност од овошниот вид, од сортата и локацијата, може да се појави одреден степен на оштетување, дури кај одредени овошни видови, кај одредени локалитети, да се појави и целосно уништување на родот. Посебно тоа се јавува во последните неколку години кај кајсијата, кај овошните видови коишто рано цветаат или оние коишто се наоѓаат во потопли области. Мрзне и праската, но во последните неколку години се појавија измрзнувања дури и на овошјата коишто релативно подоцна потеруваат и се релативно поотпорни на ниски температури“, објаснува професорот Тошо Арсов.

Тој појаснува дека биолошката нула за овошките е температура од плус 5 степени во текот на денот, а штом се појави подолг период со вакви температури овошките веднаш тргнуваат во вегетација. Доаѓа до сокодвижење на водата и сокот од коренот кон стеблото – гранките и папките, клетките се полнат со вода и се релативно поосетливи на ниските температури.

„Доколку затоплувањето се појави во период од повеќе денови, освен раскалување, доаѓа и до тргнување со вегетација, фенофаза бабрење и фенофаза цветање. Штом ќе се тргне со овие фази, овошките веќе назад не може да се вратат“, вели професорот  Арсов.

Во зависност од тоа колку температурата ќе се спушти под нулата во периодот на ладен бран којшто следува по периодот на топлите бранови и во зависност од времетраењето на ниските температури, како и во зависност од фенофазата во која што се наоѓаат овошките, тој може да доведе до измрзнување и загуба на родот до одреден степен или целосно да го уништи очекуваниот принос.

Кајсијата претрпува најмногу штети изминативе години; Фото: Бојан Блажевски

Климатските промени прават штета кај овошките и во другите периоди од годината. Зголеменото сончево зрачење доведува до потребата од повеќе вода за дрвјата, додека во последно време кај нив се појавуваат и изгореници на листовите и на плодовите. Посебен проблем е градот, кој во летниот период може да го уништи делумно или целосно родот од овошките.

Поради сето ова, професорот Тошо Арсов нагласува дека важно е да се инвестира во заштита на насадите од мраз, во наводнување и во поставување на мрежи за покривање на овошките за заштита од град. Сето ова бара дополнителни инвестиции. За оние пак коишто инвестираат во нови овошни насади, силно се препорачува консултација со стручни лица и изработка на почвена анализа пред да се вложат финансии.

„Поголемиот дел од овошните видови најчесто влегуваат во род трета или четврта година, полна родност постигнуваат од четврта до седма година, и експлоатацијата трае од 12 до 25 години. Овде исклучок се јаткастите овошни видови, коишто влегуваат во род од четврта до седма година, некаде до десетта година се во полна родност во најголем дел, меѓутоа експлоатацијата може да трае многу повеќе и од 50 години“, го објаснува професорот Арсов животниот век на различните овошни видови.

Зголемувањето на просечните температури на воздухот придонело во последно време да се појави одгледување на суптропски овошни видови, првенствено во јужните делови од Македонија. Кивата, јапонското јаболко, смоквата и маслинката веќе се одгледуваат од земјоделците, додава професорот Тошо Арсов.

Елена Николовска од Еко-свест вели дека температурите во нашата земја ќе ги следат глобалните трендови на нагло зголемување на температурата, додавајќи дека „Germanwatch“ уште во 2019 година предупредил дека топлотните бранови е тешко да се предвидат, бидејќи фалат многу потребни информации од земјите.

„Она што е кај нас потребно се повеќе информации и активности за да се подготвиме за живот во овие новонастанати климатски услови“, поентира Елена Николовска.

Автор: Бојан Блажевски