Делчево прогласи природна непогода од град и од поплави

Поројниот дожд што вчера го погоди градот поплавил голем дел од подрумските простории на куќи и други објекти и предизвикал тешкотии во сообраќајот

фото: Општина Делчево

Природна непогода од поплави и град прогласи Советот на Општина Делчево на денешната вонредна седница, по невремето проследено со силни врнежи од дожд и град што вчера попладне го зафати овој источномакедонски град.

Поројниот дожд поплави голем дел од подрумските простории на куќи и други објекти во градот и предизвика тешкотии во сообраќајот, уништувајќи и делови од улици.

На денешната седница беше донесена и одлука за формирање Комисија за проценка на штетите, како и заклучок за објавување на јавен повик преку кој ќе се информираат граѓаните за постапките за пријавување на штети.

При процена и утврдување на висината на штетата, Комисијата ќе ја применува Методологија за процена на штети од природни непогоди и други несреќи, информираа од Општина Делчево.

Од таму појаснија дека комисијата во својата работа ќе соработува со надлежните државни органи, научно-стручни институции и по потреба ќе ангажираат стручни лица- експерти од соодветната област по претходно добиена согласност од Градоначалникот на општината.