fbpx

Студенти и административци ќе им помагаат на здравствените власти во справувањето со ковид-19

-

Студенти по општа медицина и административни службеници ќе бидат прераспределени за изработка на решенијата за изолација и за анкетните листови во државните институции што се борат против ковид-19. Министерот за здравство Венко Филипче денеска ги посети студентите од шеста година по општа медицина, кои помагаат во изработката на анкетните листови во Институтот за јавно здравје.

Од Министерството за здравство информираат дека околу 40 студенти се вклучени во овој проект во Институтот за јавно здравје, Државниот санитарен и здравствен инспекторат и Центарот за јавно здравје во Скопје. Во наредните недели, согласно потребите, дополнителен број на студенти ќе бидат распределени и во центрите за јавно здравје низ земјава. Сите тие ќе помагаат во изработка и внесување на податоците од анкетните листови на контактите на ковид позитивните пациенти.

„Пронаоѓањето на контактите и нивна изолација е еден од најголемите предизвици со кој непрекинато се соочуваме. И за ова ни е потребна помош. Учеството на студентите е непроценливо голем придонес сега и во периодот кој ќе следи. Од друга страна, овие работни задачи ќе им понудат на студентите непроценливо искуство во сферата на епидемиологијата и јавното здравје”, изјави министерот Филипче.

Студентите се вклучија во овој проект по средбата на министерот со деканката на Медицинскиот факултет во Скопје, проф. Соња Топузовска, при што било договорено ангажманот да трае шест месеци, а студентите освен што ќе стекнат искуство, на овој начин ќе ја реализираат и клиничката практика по јавно здравје и ќе им биде признаен стажот.

Порталот „СДК.МК“ денеска објави дека околу 60 административни службеници ќе бидат прераспределени за да им помагаат на вработените во Државниот санитарен и здравствен инспекторат во изготвувањето и издавањето на решенијата за самоизолација.

Инаку, земјава во изминативе денови има рекордни бројки на новозаболени лица од ковид-19, а заедно со нив рапидно расте и бројот на лица кои треба да одат во изолација. Заклучно со вчерашниот ден, вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 29.558, бројката на оздравени пациенти е 19.994, на починати е 977, а бројот на активни случаи изнесува 8.587.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ОБСЕ/ОДИХР: Одредени портали се создаваат само за да добиваат државни пари за изборите

Изборите во Македонија беа добро организирани, но имаше остра реторика, а недостига и регулација во сферата на онлајн порталите. Ова е генерално оценката на набљудувачите на ОБСЕ/ОДИХР и на...