Министерството за одбрана ќе стипендира студенти под услов тие по дипломирањето да работат за Армијата

Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска и министерката за образование, Мила Царовска на средба со наградените ученици / Фото: Фејсбук страна на Мила Царовска

Од почетокот на 2021 година како Министерство за одбрана ќе почнеме да стипендираме млади кои студираат и се образуваат за таканаречени критични специјалности за армијата. Се работи за области кои и се потребни на армијата, а не ги имаме доволно, како информатика, електротехника, сајбер одбрана, области во кои ни треба специјализирано знаење, соопшти министерката за одбрана Радмила Шекеринска на денешното обраќање до медиумите, по средбата со наградените ученици на меѓународни олимпијади за информатика.

„Од 2021 ќе почнеме со првите конкурси кои ќе ги опфатат сите години на факултет, а единствениот услов којшто ќе треба да го исполнат кандидатите е да преземат обврска по дипломирањето да работат во полза на нашата одбрана и нашата армија. На тој начин ќе можеме да создадеме подобар одбранбен систем, пофункционална армија, а и воедно ќе имаме што да им помогнеме на командните НАТО структури“ изјави министерката за одбрана.

Нејзиниот апел до младите е да се одлучат за кариера во армијата, бидејќи како што рече таа „армијата не е само стандардната војска туку тука спаѓаат и сајбер одбрана, хибридни закани, компјутерски и информациони сложени системи“.

Овој вид на поддршка се однесува на месечна стипендија и поддршка на научни помагала и средства кои ќе им се неопходни на студентите во текот на годината.

На настанот се обрати и министерката за образование и наука, Мила Царовска која изрази задоволство од средбата на која освен за постигнатите успеси, со младите се разговарало и за неопходните промени во образованието.