fbpx

Стапува на сила договорот меѓу ЕУ и САД за пренос на личните податоци, активистите негодуваат

Со договорот се гарантира дека големите технолошки компании како „Мета“ и „Гугл“ можат да споделуваат податоци за европските корисници со американските власти

-

Европската комисија објави дека е склучен договор со САД кој има за цел да овозможи полесен пренос на личните податоци на легален пат преку Атлантикот. Меѓутоа, активистите за заштита на приватноста на податоците најавија дека ќе го оспорат договорот пред суд, пренесува Би-би-си.

Американскиот претседател Џо Бајден и претставници на ЕУ го поздравија договореното со чија помош се надминаа недоразбирањата за пристапот на американските разузнавачки агенции до податоците за европските корисници.

Со договорот се гарантира дека големите технолошки компании како „Мета“ и „Гугл“ можат да споделуваат податоци за европските корисници со американските власти.

Претходно, европските судови отфрлија два обида да се создаде правна рамка за споделување податоци меѓу САД и ЕУ, поради загриженост за приватноста.

Како што пишува Би-би-си, граѓаните на САД се правно заштитени од електронско шпионирање од страна на американските разузнавачки агенции, но не и странските државјани. Договорот има за цел да ја ублажи европската загриженост во однос на тоа дека личните податоци на Европејците може да завршат кај американското разузнавање.

Договорот им дозволува на државјаните на земјите-членки на ЕУ да се спротивстават ако се сомневаат дека нивните податоци се собирани од американските разузнавачки агенции. Ќе биде формиран и Суд за преглед на заштитата на податоците од американски судии кои ќе ги сослушуваат барањата и жалбите.

Договорот кој стапува на сила денеска предвидува дека ќе се собираат само „неопходни и пропорционални податоци“.

Претходно, поради разликата во законите за заштита на приватноста на граѓаните, кои во САД се поблаги, ЕУ го казни сопственикот на Фејсбук – „Мета“ со парична казна од 1,3 милијарди долари, наредувајќи ѝ на компанијата да престане да ги пренесува податоците на европските корисници во САД.

По овој случај, компанијата „Мета“ рече дека без правен договор за пренос на податоци ќе биде принудена да престане да ги обезбедува своите производи и услуги како Фејсбук, Инстаграм и Ватсап во Европа.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.