Ковачевски од Самитот на НАТО: Два отсто од БДП ќе биде минимумот за финансирање на одбраната

На овој самит ќе бидат адресирани актуелните безбедносни предизвици, зајакнувањето на врските меѓу Украина и НАТО преку формирање на Совет, како и зајакнување на поддршката за Украина

фото: Влада на Република Северна Македонија

Сојузниците се исправени пред носење важни одлуки со што ќе покажат единство во однос на тековните и идни предизвици, рече македонскиот премиер Димитар Ковачевски пред официјалниот почеток на Самитот на НАТО во Вилнус, Литванија.

Ковачевски во Литванија ја предводи владината делегација во чиј состав се министерот за надворешни работи Бујар Османи и министерката за одбрана Славјанка Петровска.

На овој самит ќе бидат адресирани актуелните безбедносни предизвици, зајакнувањето на врските меѓу Украина и НАТО преку формирање на Совет, како и зајакнување на поддршката за Украина. Се очекува лидерите да говорат за унапредување на одбранбените капацитети, споделување на обврските, како и нови одбранбени регионални планови.

Македонскиот премиер рече дека овој самит е исклучително важен, бидејќи се случува во момент кога се води војна во Украина и на него ќе бидат донесени многу важни заклучоци.

„Прво, ќе бидат донесени одлуки во однос на регионалните аспекти на одбраната на НАТО земјите и тоа вода, копно и воздух, секако и за аспектите на сајбер одбраната и одбраната од хибридни напади. Следно ќе бидат донесени одлуки во однос на унапредувањето на соработката со Украина, практично ќе биде формиран Совет на НАТО и Украина на кој во иднина ќе можат да се носат одлуките кои се однесуваат на заедничката соработка. Дополнително во однос на финансирањето на сите овие зголемени потреби за одбраната во овој нов геостратешки контекст ќе биде донесена одлука во однос на финансирањето и тоа значи дека 2% од БДП ќе биде практично минимумот за финансирање на одбраната, со тоа што најмалку 20% да бидат за модернизација“, истакна Ковачевски пред почетокот на Самитот на НАТО.

Тој додаде дека Северна Македонија на модернизација веќе инвестира 30 отсто од буџетот за одбрана.

Во однос на членството на Украина во НАТО, Ковачевски рече дека Северна Македонија секогаш поддржува отворена врата на пристап во алијансата, но откако ќе бидат согледани сите безбедносни аспекти.