fbpx

Скопје се гуши во ѓубре, вработените протестираат, Мазнева се жали на закани по живот [галерија]

Вработените реагираат дека Мазнева не прифаќа средба со нив, а таа вели дека станувало збор за „група контролирана од политичка партија на која и се скратени бенфициите“

-

Директорката на Комунална хигиена, Косана Мазнева-Николиќ, денеска свика итна прес-конференција за да објасни зошто Скопје деновиве буквално се гуши во ѓубре, откако дел од вработените излегоа на протести, бидејќи на дел не им биле продолжени договорите за работа, а тие дополнително бараат и покачување на платите, бенефициран стаж и исплата на К-15.

Тие реагираат дека Мазнева не прифаќа средба со нив, а таа вели дека станувало збор за „група контролирана од политичка партија на која и се скратени бенфициите“. Дополнително, Мазнева се пожали и дека има закани по живот по неа и по други вработени и дека тоа е пријавено во МВР.

„Нема да дозволам другите вработени да бидат жртви на уцени на ова добро познато подземје. ‘Комуналан хигиена‘ не е политичка партија ниту е приватна фирма, туку јавно претпријатие и нема да дозволам ни еден политички центар да ја контролира работата. Овие лица кои ја блокираат работата не се членови на синдикатот, ниту се вработени. Тие се тука како партиска логистика која има цел да се заканува и да ја блокира работата. Незадоволството е затоа што донесов одлука за сменско работење и сите вработени треба да ротираат во три смени. Тоа е спротивно на праксата која била со години само одредени лица да работат во трета смета и да добиваат бенефиции за тоа. Најголем дел од нив не се појавувале на работа и не ги извршувале своите обврски. Затоа што ставив крај на таквата пракса овие лица сега организираат блокада, а имаат други работни места и бизниси“, рече Мазнева-Николиќ на денешната прес-конференција.

Таа рече дека на вработените во Комунална хигена им биле зголемени платите во март за 864 денари и додаде дека договорите за работа не им се продолжени на оние кои воопшто не се појавувале на работното место или пак им завршиле договорите.

Сепак, таа не даде прецизни одговори на новинарските прашања за конкретни лица кои по неколку децении работат во претпријатието, а сепак добиле откази.

Вработените од Комунална хигиена кои излегоа на протести за Порталб.мк излегоа со сведоштва дека имаат закани дека ќе бидат избркани од работа доколку протестираат.

Вработените во Комунална преку предупредувачки протест ги бараат своите права, Мазнева им повикала полиција

Сепак, протестите продолжија и вчера вечерта, но и денеска.

Меѓу отпуштените од работа, според вработените, е и претседателот на Синдикатот на Комунална хигиена, Дели Дардишта, со над 30 години работно искуство. Според нив, само во текот на вчерашниот ден отпуштени се 7-8 лица кои биле со решение за вработување, додека пак завчера отпуштени биле 40 лица. Меѓу другото, тие потенцираат дека други 50 вработени добиле опомена за отказ бидејќи протестирале пред една недела. Тие се жалат дека директорката ги гледа снимките од безбедносните камери и дека му дели отказ на секој кој ќе го види дека учествува на протестите.

„Десет години работам со договор и без никаква причина ме отпушти. Вработените тука немаат поддршка од никого, ниту од Град Скопје ниту од Владата. Како е можно владините функционери да добијат 78% покачување на платите, а ние ништо, кога цел ден го поминуваме сред смет. Бараме поддршка и од граѓаните. Два дена ако не излеземе да го исчистиме ѓубрето, ќе видите како ќе биде. Прво на нас треба да ни се зголемат платите, а потоа и на другите. И ние сакаме да ни се зголемат за 78%, бидејќи и ние имаме деца, не само тие. Сè додека не се исполнат нашите барања, нема да попуштиме и нема да излеземе на терен. Нека дојде и премиерот и градоначалничката на Скопје и кој сака нека дојде, но сè додека не се исполнат нашите услови, ние нема да излеземе на терен“, рече еден од отпуштените работници.

„Претседателот на синдикатот беше отпуштен од работа само затоа што застана зад нас работниците, без никаква причина. Просечната плата овде е 20.000 денари, под минималната. Ако ги одземам парите за храна и патните трошоци, платата ни е 15.000 денари. Со 40 години стаж не може да ме отпуштат, нека ме стават во затвор, освен леб за јадење не барам ништо друго. Ние ја работиме нашата работа. Спремни сме, нека се исполнат барањата, и ние веднаш ќе излеземе“, изјави за Порталб.мк еден од вработените.

„Оние кои ги отпуштија мора да ги вратат, во спротивно нема да излеземе на терен. Без да се вратат Дели и Ајдин (претседателот на синдикатот и уште еден вработен), вратата нема да се отвори. Нека ни ги исполни бараните услови, она што го заслужуваме, или нека даде оставка. Нека дојдат и тие други работници од администрацијата, бидејќи две недели сме под стрес“, изјави друг вработен за Порталб.мк.

Нема да го собереме сметот додека не се вратат на работа отпуштените колеги, велат вработени во Комунална хигиена

Општина Центар денеска алармирашр до Град Скопје за неисчистените контејнери и преполните канти со смет, поради протестот на ЈП Комунална хигиена – Скопје.

„Голем број граѓани денеска се пожалија во општината поради нехигиената и неподносливата миризба која се шири поради преполните контејнери по булеварите и улиците на главниот град. Општина Центар апелира на итна реакција од Градот Скопје под чија надлежност е ЈП Комунална хигиена. Ние како Општина со своето претпријатие ќе продолжиме со активно одржување на општинските површини. Предупредуваме, надлежните да не бараат оправдувања туку веднаш да дејствуваат, високите температури надвор најмалку дозволуваат главниот град да биде претрупан со смет. Граѓаните плаќаат комунална такса и сакаат чист град“, се вели во соопштението на Општина Центар.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Ако се знаеле грешките, тие требало да бидат исправени до изборите

Изјавата на потпретседателката на СДСМ, Сања Лукаревска, иако искрена и можеби вистинита за тоа каде се лоцирани грешките во СДСМ за лошиот резултат, сепак е недоследна. И од аспект...