Советник на Министерството за одбрана на Русија неодамна во телевизиско интервју, несвесен дека разговорот оди во етер, кажал дека дроновите-самоубијци коишто Русија ги користи за нападите врз градови во Украина се ирански, јави „Бизнис Инсајдер“.
Официјална Москва во континуитет ги отфрла наводите дека се користат дронови произведени во Иран.
Руслан Пухов, директорот на Центарот за анализа на стратегии и технологии и член на Општествениот совет на руското Министерство за одбрана, кој исто така е и воен експерт, неодамна дал интервју за Руски бизнис канал.
Според исечокот што е објавен на Твитер, откако е претставен од водителот, тој доаѓа на подиумот и несвесен дека е веќе во етер со слика и со тон, седнува и открива дека Русија користи ирански дронови-самоубијци.
„Сега, не би сакал многу да бранувам, па да не навлегуваме многу во темата за дроновите. Знаете како се вели, сите пуштаме гасови, ама молчиме за тоа? Сите знаеме дека дроновите се ирански, ама владата не го признала тоа“, вели тој обраќајќи им се на водителите, мислејќи дека интервјуто не е почнато, иако и камерите и микрофоните се вклучени.
Fail of the day. A Russian defence ministry expert doesn’t realise he is already on air and says: “Just don’t ask too much about these Iranian drones. We all know they are Iranian, but the authorities don’t want to admit it”. pic.twitter.com/4wA7OfkVl3
— Tadeusz Giczan (@TadeuszGiczan) October 20, 2022
Инаку, официјални Москва и Техеран досега ги отфрлаа сите обвинувања дека во војната во Украина, Русија користи ирански дронови „Шахед-136“, „Шахед-129“, „Шахед-191“ и „Куд Мохаџер-6“, пишува „Бизнис Инсајдер“.
Украинското Министерство за надворешни работи во средата соопшти дека вооружените сили на Украина собориле 223 дронови „Шахед-136“ и повика за санкции против Иран.