fbpx

Руската делегација ќе може да слета во Скопје, извесно доаѓањето на Захарова

Пораката што ја испраќаат дипломатите од Виена е дека речиси сигурно оти портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова ќе пристигне во Скопје наредната недела. За рускиот министер за надворешни работи и понатаму е неизвесно дали ќе пристигне во македонскиот главен град

-

Во пресрет на Министерскиот самит на ОБСЕ што ќе се одржи наредната недела во Скопје, македонската влада на денешната седница одлучи да им пренесе овластување на надлежните министерства сами да одлучат за издавањето на одобрение за прелет и слетување на руски воздухоплов на 30-тиот министерски состанок на ОБСЕ во Скопје од 29 ноември до 1 декември.

Ова практично значи дека Министерството за надворешни работи ќе може да ја тргне забраната за прелет и слетување на руски државни авиони над и во земјава за овие три денa.

Инаку, дипломатски кругови во Виена коментираат дека руска делегација е многу важно да пристигне на министерскиот самит на ОБСЕ во Скопје, особено поради фактот што Организацијата за безбедност и соработка во Европа се наоѓа пред неизвесна иднина токму поради блокирањата што ги прави Русија изминатиов период, особено по руската агресија врз Украина.

Пораката што ја испраќаат дипломатите од Виена е дека речиси сигурно оти портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова ќе пристигне во Скопје наредната недела. За рускиот министер за надворешни работи и понатаму е неизвесно дали ќе пристигне во македонскиот главен град, но сето ова ќе зависи наредниве денови од позициите на официјална Москва кон нормалното функционирање на ОБСЕ во претстојниот период.

Русија подолг период наназад ја блокира Естонија за да го преземе претседавањето со ОБСЕ во 2024 година, што претставува преседан. Дипломатските кругови во моментов интензивно преговараат, но доколку не се постигне договор со Русија, раководењето со oрганизацијата е доведено под знак прашање. Официјална Москва го спречува и усвојувањето на буџетот на организацијата, а од Русија се проблематизира и функционирањето на 12-те странски мисии на ОБСЕ.

Дипломатски кругови во ОБСЕ бараат алтернативна земја како кандидат за претседавањето со oрганизацијата, но не се исклучува и можноста Македонија со Бујар Османи да остане претседавач и во 2024 година. Алтернатива за Естонија засега е Малта. Сепак, сето ова е прашање на преговори кои ќе траат пред, за време, а можеби и по министерскиот состанок на ОБСЕ во Скопје.

Дипломатски кругови во Виена брифираат дека Русија треба да остане во Организацијата, бидејќи таа е токму создадена да се грижи за безбедноста и соработката на европско тло. Оваа земја самата ги прекрши основните принципи врз кои е втемелена организацијата од нејзиното формирање со руската агресија врз Украина.

Од Виена доаѓа и најавата дека повеќето министри за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ ќе пристигнат во Скопје на Министерскиот самит наредна недела. Засега само четворица министри на земји-членки од ЕУ најверојатно нема да присуствуваат во Скопје меѓу 29 ноември и 1 декември. Извесно е и доаѓањето на шефот за надворешна политика на Европската Унија, Жозеп Борел.

Дипломатските кругови во Виена оддаваат признание на С.Македонија за нејзиното претседателствување со ОБСЕ во 2023 година. Дел од дипломатите велат дека 2023 година била најтешката година за Организацијата од нејзиното формирање, при што Министерскиот самит на ОБСЕ во Скопје би можел да биде одлучувачки по многу прашања кои се блокирани, а во моментов бараат консензус од сите 57 земји-учеснички од Европа, Азија и Северна Америка.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Португалската влада го отфрли предлогот на претседателот за репарации за ропството

Португалската влада го отфрли предлогот на претседателот на државата дека треба да „плати“ за ропството и другите злосторства од колонијалната ера, велејќи дека нема планови за репарации, а наместо...