Општата хидролошка состојба во државата не е поволна, а тоа се одразува и на издашноста на изворот „Рашче“ од каде Скопје се снабдува со вода за пиење. Во моментов, двете каптажи на изворот „Рашче“ даваат околу 3.600 литри во секунда, информираат за Мета.мк од скопското јавно претпријатие „Водовод и канализација“. И покрај намалената издашност поради сушниот период, во периодите на повисока потрошувачка на вода за пиење, на располагање на граѓаните им се и бунарските подрачја „Нерези“ и „Лепенец“, кои би можеле да дадат дополнителни околу 700 литри вода во секунда.
Од ЈП „Водовод и канализација“-Скопје велат дека летниот период и повисоките температури ја зголемуваат за околу 15 отсто потрошувачката на вода за пиење во споредба со годишниот просек. Станува збор за периодот од јуни до септември, а ваквиот раст се должи првенствено на навиката на граѓаните за полевање на зеленилото во домаќинствата и јавните површини со вода од водоводниот систем.
„Би сакале да апелираме кај граѓаните за рационална потрошувачка на водата за пиење, за потребите на домаќинствата. Сите облици на злоупотреба на водата за други потреби (полевање на зеленило, полевање на земјоделски површини и разладување на улиците) доведуваат до проблеми во снабдувањето“, појаснуваат од ЈП „Водовод и канализација“, додавајќи дека проблемот најмногу се забележува во приградските населби.
Од ЈП „Водовод и канализација“-Скопје потсетуваат дека и со дивите приклучоци се нанесува директна штета на системот за водоснабдување и на квалитетот на водоснабдувањето до сите корисници во град Скопје. Доколку сакаат, граѓаните може да ги легализираат дивите приклучоци на вода за пиење, а откако ќе им се издаде опомена и ако не одговорат на поканата за изведба на приклучок, несовесните граѓани се исклучуваат од водоводниот систем, но има и казни за ваквиот прекршок.
Покрај зголемената потрошувачка на водата за пиење, горлив проблем со којшто се соочува целава земја е огромниот процент на загуби за вода за пиење. Процентот на неприходувана вода во водоводниот систем во Скопје се движи околу 60 проценти, што е исклучително негативен процент во однос на прифатливите загуби на вода од под 30 проценти што ги посочува Меѓународната асоцијација на води. Главните причинители на ваквите загуби се: дивите приклучоци, физичките губитоци на вода од пукнатини на цевки и дотраеност на инфраструктурата, но и нефактурираната легална потрошувачка на вода за пиење.
Загубите на вода за пиење во Скопје лани достигнале над 60 отсто [инфографик]
Од ЈП „Водовод и канализација“-Скопје велат дека за намалување на загубите на вода за пиење ќе применат активности дефинирани во нивната „Стратегија за намалување на загубите на вода во водоснабдителниот систем“, која е веќе усвоена од Техничкиот совет на претпријатието. Покрај ова, поради хидролошката состојба и ефектите од климатските промени во земјава, тие спроведуваат и истражувања за изнаоѓање на алтернативни извори за водоснабдување.
Најновите податоци пак на Државниот завод за статистика покажуваат дека во 2021 година од водоводните системи биле преземени 306.359.000 метри кубни вода за пиење, што е за 2,2 отсто помалку во споредба со 2020 година. Станува збор за водно богатство кое го земаме од природата, која пак периодов во Македонија се соочува со наголемувачкото влијание на климатските промени изразено преку пораст на просечните температури на воздухот, топлотни бранови и сушни периоди.
Според статистичките податоци, најголем дел од зафатените количества на вода за пиење се од изворите – 65,6 отсто, а најмалку од езерата – 0,9 отсто. Според структурата на потрошувачката на вода, најголеми потрошувачи биле домаќинствата, кои во 2021 година потрошиле 67,2 отсто од вкупната испорачана вода од јавен водовод.
Она што останува горлив проблем со водата за пиење во земјава е разликата помеѓу произведената вода од јавните претпријатија и количеството на испорачана вода за пиење до крајните корисници. Вкупното количество испорачана вода за пиење од јавните водоводни системи лани било за 1,6 отсто повисоко во однос на претходната година.
Податоците на ДЗС во најновиот извештај велат дека во 2021 година до крајните корисници во земјава биле испорачани 142.267.000 метри кубни вода за пиење. Ова практично значи дека преостанатите над 164 милиони метри кубни вода што биле преземени од природата, исчезнале во водоводните системи – како физички загуби на вода низ пукнатите цевки, преку дивите приклучоци, преку неточно мерење на потрошувачката или пак питката вода се користи за полевање на зеленилото на јавните површини и за фонтаните во градовите.
Пишува: Бојан Блажевски