fbpx

Инвестирањето во намалување на загубите на води е до 40 пати поевтино од барањето нови извори (инфографик)

-

Македонија е една од земјите во кои најголем потрошувач на водата за пиење се самите системи за снабдување со вода на општинските јавни претпријатија. Со дотраените цевки од кои протекува вода, неконтролирањето на дивите потрошувачи на вода, непоставените мерачи за потрошена вода и неутврдениот начин на контрола на питката вода што се троши за полевање на јавните површини и за фонтаните, земјава најголем процент од произведената вода ја губи низ системот за дистрибуција.

Нивото на неприходувана вода во земјава во 2018 година изнесувало 67,55 отсто од вкупната произведена вода од сите даватели на водни услуги во земјава, додека лани ваквиот процент е намален за 3 отсто, покажува податокот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги. Наместо да се работи на намалување на фрапантните губитоци на вода за пиење, јавните претпријатија вложуваат минимални напори за постепено надминување на ваквиот проблем.

Многу прашања, малку одговори за Скопје

Процентот на неприходувана вода во главниот град покажува дека од година во година минимално се намалуваат ваквите загуби на вода за пиење. Нефактурираната вода во скопскиот водоводен систем во 2018 година изнесувала 62,93 отсто, додека лани процентот на нефактурирана вода се намалил за само 0,55 отсто. Вкупното количество на нефактурирана вода на ЈП „Водовод и канализација“-Скопје во 2019 година изнесувало 63.800.625 метри кубни вода, што пак е еквивалентно на водата за пиење што на годишно ниво се произведува од неколку други поголеми општини во земјава заедно.

До ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје уште на почетокот од март доставивме барање за одговори на прашања за губитоците на вода во скопскиот водоводен систем. Добивме ветување дека ќе испратат одговори на поставените прашања, но тоа не се случи. Наместо од нив, од Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги ни посочија дека скопското водоводно претпријатие е во фаза на поставување на мерачи за водата наменета за јавна употреба, со што значително би се намалил процентот на неприходувана вода во главниот град.

Станува збор за водата што се користи за наводнување на паркови, јавни површини, јавни чешми и фонтани, која што во Скопје во моментов не се мери во однос на тоа колкава е потрошувачката, велат од Регулаторната комисија. Токму ова е најголемата ставка што го определува количеството на нефактурирана вода. Процентот на неприходувана вода ќе опадне штом се стават во функција ваквите мерачи.

Губиме вода за пиење многу повеќе од разумната граница

Наташа Доковска од здружението „Новинари за човекови права“ посочува дека главна причина за големиот процент на неприходувана вода кај нас е стариот систем на цевки, заедно со неконтролираното трошење на водата за наводнување на домовите, миење автомобили, полевање зелени површини и злоупотреба на социјално грантирани фамилии со вода за пиење. Дополнителен проблем, вели таа, е непостоењето на алтернатива за користење на техничка вода и немањето систем за производство на техничка вода.

Ова невладино здружение, во соработка со Балканската водна мрежа, го третираат проблемот со високиот процент на загуби на питка вода. На Балканот овој процент достигнува речиси до 70 отсто, но во Данска загубите на вода изнесуваат само 7,8 отсто. За Меѓународната асоцијација на води, прифатлив процент на губење на вода е под 30 отсто, вели Наташа Доковска.

И долгогодишните експерти кои работат директно на намалување на губитоците на вода во водоводните системи истакнуваат дека Македонија многу лошо стои по ова прашање. Бојан Ристовски, директор на специјализираната компанија „Аквасеив“, потенцира дека посакуваното ниво на загуби на вода би требало да биде 15 до 20 отсто. Сепак, тој смета дека процентуалните пресметки на загубите на вода се голема грешка.

– Дали е исто 20 отсто загуба на вода во систем со 100.000 метри кубни вода и 1.000.000 метри кубни вода? Не е. Исто така, изразувањето на загубите на вода во проценти не ги зема во предвид факторите за загуби на вода, како што се: притисокот, бројот на приклучоци, должината на приклучокот – вели Ристовски.

Она што тој го посочува се светските искуства, кои покажуваат дека инвестицијата во нови капацитети за водоснабдување кои ќе обезбедат 1 литар во секунда вода за пиење се за 10 до 40 пати поголеми во споредба со намалувањето на постојните загуби на вода во водоводните системи за 1 литар во секунда.

– Намалувањето на загубите на вода за пиење во самите водоводни системи е најевтин и најрационален начин за добивање нови количества вода, без притоа да се реализираат големи инвестициони вложувања – укажува Ристовски.

Претпријатијата и експертите на различен колосек

Една од првите мерки во проектите за намалување на неприходуваната вода, посочува Ристовски, е токму елиминирањето на комерцијалните загуби и нефактурираната легална потрошувачка, кои можат да се постигнат со посветеност на управувачкиот тим на општините и јавните претпријатија. Овие две ставки кои влегуваат во процентот на неприходувана вода за секое претпријатие се генерално познати и нивните раководства знаат од каде потекнуваат. За нивното намалување потребна е желба, вели Ристовски.

Од Здружението на даватели на комунални услуги АДКОМ, во кое членуваат повеќе од 80 јавни комунални претпријатија, за „Мета.мк“ велат дека губитоците на водата за пиење во нашите водоводни системи се високи. Тие сметаат дека за наши услови солидно достигнување би било самите јавни комунални претпријатија (ЈКП) да успеат во намалување на загубите на вода за 2-3 отсто на годишно ниво.

– Нашето здружение како членка на IAWD преку своите активности во изминатиот петнаесетгодишен период во повеќе наврати организираше работилници на кои се јакнеа капацитетите на ЈКП за намалување на губитоците на вода – информираат од АДКОМ.

Бојан Ристовски пак вели дека самите претпријатија редовно кажуваат дека процентот на загуби на вода се појавува поради кражбите на вода и нефактурирањето на водата, наместо да признаат дека проблемот е во техничките загуби на вода и дефектите, кои се во нивна ингеренција и за која треба да носат одговорност. Всушност, вели тој, нивниот проблем е во тоа што во најголема мера не знаат дали имаат проблем со комерцијалните или техничките загуби на вода, затоа што не изведуваат мерења и анализи од кои треба да произлезат приоритетите за намалување на ваквите загуби.

– Од таму произлегува и слабиот, речиси никаквиот резултат во борбата со загубите на вода – вели Ристовски, потенцирајќи дека регионализацијата на комуналните претпријатија ќе биде чекор што ќе следи бидејќи не е возможно сите локални самоуправи во земјава да имаат свое општинско претпријатие.

Климатските промени го ограничуваат пристапот до вода

Колку повеќе ги намалиме загубите на вода во водоводните системи, толку повеќе ќе има вода за пиење за населението во услови на поголеми сушни периоди и намалување на врнежите во иднина. Наташа Доковска од „Новинари за човекови права“ потсетува дека климатските промени влијаат на пристапот на водата од неколку аспекти.

– Зголемените температури предизвикани од климатските промени ја зголемуваат стапката на испарување и од копно и од водните пространства, што и овозможуваат на атмосферата да задржи повеќе вода за околу 4 проценти за секое зголемување на Фаренхајт – вели таа.

Доковска потенцира дека зголемените температури доведуваат до топење на глечерите, продолжување на активните сезони во земјоделството, намалување на летните врнежи и други последици што влијаат на намалување на количествата на достапна вода, генерално во светски рамки. За разлика од овие проблеми за кои е потребна глобална акција во сите земји, она што може да се постигне во Македонија на локално ниво се инвестициите во дотрајаната водоводна мрежа, кои би ги намалиле губитоците на вода за пиење.

– Влијанието на климатските промени врз водата е повекекратно и не за џабе велат дека Третата светска војна ќе биде војна за вода – поентира Доковска.

Бојан Блажевски

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Учениците во Македонија од понеделник за првпат на пролетен распуст

Учениците од основните и средните училишта низ државата од понеделник, 29 април па до 6 мај, ќе бидат на пролетен распуст. Покрај пролетниот распуст кој годинава за првпат се воведе...