fbpx

Проширувањето пред проширување

Повод: Пакетот за проширување на Европската комисија од 12 октомври 2022

-

Годинешниов пакет документи за проширувањето на Европската комисија има две одлики. Најпрвин, тој е последен со седум држави. Од следната година ќе се однесува на десет држави, вклучувајќи ги Украина, Молдавија и Грузија. Втората одлика е силната геополитичка боја на Стратегијата за проширување, во која на преден план е влијанието на руската агресија врз Украина врз проширувањето. Секако, и првата одлика – зголемувањето на бројот на нови можни идни членки на ЕУ е резултат токму на новата геополитичка констелација.

Автор: Малинка Ристевска – Јорданова

За разлика од минатата година, кога клучна беше заложбата за отворање преговори со Македонија и Албанија, оваа година Европската комисија можеше да го прикаже одржувањето на првата меѓувладина конференција со Албанија и првата политичка меѓувладина конференција со Северна Македонија како нејзин главен успех во политиката кон Западниот Балкан, дури и како „историски момент“ кој означува „нова фаза на политиката на проширување“.

Сепак, ова не беше главната последица на новиот гео-политички контекст. Во јуни оваа година Украина и Молдавија добија кандидатски статус, а на Грузија ѝ се дадени услови за неговото стекнување. По експресно спроведената постапка, неспоредлива со онаа за стекнување кандидатура за државите од Западниот Балкан, Комисијата најавува подетална оценка за подготвеноста на овие држави да ги преземат обврските од членството до крајот на годинава.

Брзото стекнување кандидатски статус на Украина и Молдавија предизвика сериозни реакции особено за значително потешките услови поставени на Босна и Херцеговина за стекнување на истиот статус. Политичкиот одговор на европските лидери на јунскиот самит оваа година беше „омекнување“ на 14-те услови поставени кон оваа балканска држава во 2019 година. Така, главната новост при презентацијата на пакетот за проширување овој месец беше предлогот на Комисијата за доделување кандидатски статус на Босна и Херцеговина – сепак со неколку поставени услови.

Новата геостратешка реалност ја зголеми тежината на некои елементи на оценување во извештаите. Така, централно место оваа година имаше усогласеноста на државите кандидати со Заедничката безбедносна и одбрамбена политика на Унијата, или поконкретно – придружувањето кон санкциите на ЕУ кон Русија. Најмногу изложена на критика во овој поглед беше Србија, иако и Турција не е поштедена. Затоа, пак, Албанија, Северна Македонија и Црна Гора се предмет на пофалба токму за стопроцентната усогласеност со санкциите кон Русија.

Ова не беше пречка Комисијата да донесе заклучок за двете држави кои веќе се во преговори – Србија и Црна Гора – дека е постигната општа рамнотежа во преговорите. Причина за ова е што формално во преговарачката рамка рамнотежата се проценува во однос на поглавјата 23 (Правосудство и темелни права) и 24 (Правда, слобода и безбедност), а за Србија и дополнително и за односите со Косово (поглавје 35), но не и во однос на поглавјето 31. Таков беше и одговорот на Комесарот Вархеи на критиките и прашањата на европратениците во овој поглед. Сепак, политичкиот притисок кон Србија во поглед на санкциите кон Русија се зголемува.

Инаку, за Србија Комисијата заклучува дека технички таа ги исполнила условите за отворање на Кластерот 3. Конкурентност и вклучувачки раст, откако минатата година го отвори Кластерот 4. Зелена агенда и одржлива поврзаност. Комисијата задржува ист вокабулар и за Србија и за Косово во поглед на нивните меѓусебни односи – дека се ангажирани во дијалогот, но бара да се спроведат преземените обврски, конструктивност и да се избегнуваат активности кои можат да ја нарушат стабилноста и дијалогот.

Кај Црна Гора, која веќе ги имаше отворено сите поглавја, главно прашање на напредок на преговорите е исполнувањето на привремените одредници за поглавјата 23 и 24, за да може да се пристапи кон прелиминарно затворање на поглавја. Политичката нестабилност и неможноста да се постигне консензус меѓу позицијата и опозицијата за клучни прашања, вклучувајќи и именувања за кои е потребно квалификувано мнозинство, ги забавуваат преговорите. Оттаму, Комисијата не предложи нов чекор во преговорите со Црна Гора.

И за Косово останува истиот предлог – визна либерализација, за која Европската комисија востанови дека се исполнети одредниците уште во 2018 година, но државите членки на ЕУ не ја донесуваат одлуката.

Во делот за Турција во заклучоците на Стратегијата за проширување, веќе не се ни споменуваат преговорите за членство, туку се констатира дека Турција продолжила да се оддалечува од ЕУ, со назадување во демократијата, владеењето на правото и темелните права. Критики има и за добрососедските односи, но тонот значително се менува кога станува збор за улогата на Турција во постигнувањето договор за извозот на жито од Украина и за згрижувањето бегалци (за што се забележува дека од 2016 година ЕУ донирала 10 милијарди евра).

Интересно е што, за разлика од минатата година кога имаше критички став, оваа година Комисијата поблагонаклоно гледа на иницијативата „Отворен Балкан“, оценувајќи дека може да одигра позитивна улога во регионалната соработка доколку се заснова на правилата на ЕУ и остане отворена за сите партнери од регионот.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ОБСЕ/ОДИХР: Одредени портали се создаваат само за да добиваат државни пари за изборите

Изборите во Македонија беа добро организирани, но имаше остра реторика, а недостига и регулација во сферата на онлајн порталите. Ова е генерално оценката на набљудувачите на ОБСЕ/ОДИХР и на...