Нова мониторинг станица, која ќе биде дел од платформата на Државниот мониторинг систем на Министерството за животна средина, ќе мери каков е квалитетот на воздухот во Охрид. Мерната станица е поставена на една од главните сообраќајници во градот, на булеварот „Туристичка“ во непосредна близина на спортскиот центар „Климент Колески“, а се очекува најдоцна до средина на ноември да биде тестирана и комплетно функционална.
Со ваквата поставеност на станицата, сметаат од Министерството, ќе се мониторира квалитетот на воздухот и загадувањето кое доаѓа и од согорувањето на горива за затоплување на резиденцијални и административни установи, како и од сообраќајот.
„Поставувањето на новата автоматска мониторинг станица за следење на квалитетот на амбиентниот воздух е веќе започнато и како и другите 21 станица ќе содржи шест инструменти за следење на различни параметри. Вредноста на инвестицијата е околу 100.000 евра, а средствата се обезбедени од буџетот на Министерството “, информираат од Животна средина.
Освен Охрид, за годинава беше најавено дека и Штип ќе добие мерна станица за следење на квалитетот на воздухот, која ќе биде дел од Државниот автоматски мониторинг систем за квалитет на амбиентен воздух (ДАМСКАВ). Претходно беа поставени две станици во Гевгелија и во Берово, каде пак, податоците покажаа дека градот познат по чистиот планински воздух е всушност загаден.
Квалитетот на воздухот е секогаш актуелна тема, а особено во очекување на зимата и грејната сезона. Веќе неколку години по ред, еколошки активисти апелираат да се зголеми бројот на мониторинг станици за мерење на квалитетот на воздухот кои ќе помогнат да се лоцираат загадувачите. Тие бараат да се направи хипер-мрежа на мерни места, со нискобуџетни апарати, кои ќе ни дадат точни податоци каде точно да ги лоцираме изворите на загадување и врз основа на нив да спроведеме ефективни мерки.