Проектот Рајс (RISE) официјално го отвори третиот повик за поддршка на млади претприемачи од регионот на Западен Балкан за развој на идеи за социјални претпријатија. Рајс програмата нуди едукативна и финансиска поддршка која им помага на младите да ги трансформираат идеите во бизниси кои им помагаат на заедниците и ја заштитуваат животната средина. Здружението за социјални иновации АРНО, ги повикува младите да формираат тимови и да аплицираат на повикот преку пополнување на формуларот до 31. октомври.
Учесниците кои ќе бидат избрани ќе имаат можност да учат од искусни ментори и експерти за зелено буџетирање, видови на бизнис модели (покрај класичното продај-купи), ефективни и креативни комуникации со јавноста и слично.
Победничките тимови од првата фаза ќе добијат и финансиска поддршка (без обврска да регистрираат ново правно лице, иако би биле силно охрабрени за таков чекор). Победниците ќе добијат мини грант за регионална мобилност со кој ќе бидат во можност да посетат друга идеја/институција од регионот корисна за нивниот развој.
Во првите две изданија на Рајс на регионално ниво, поддржани се вкупно 274 млади и 88 идеи од Западен Балкан, од кои денес дел прераснаа во функционални социјални бизниси, освоија и други регионални награди, грантови и го привлекоа вниманието на донаторите и медиумите.
Преку оваа програма млади луѓе од регионот основаа социјални бизниси кои преку изработка на облека и модни додатоци интегрираат жени-бегалки во Србија (Women on the way), овозможија планинарски тури за промоција на локален алтернативен туризам и поддршка на локалното население во Валона, Албанија (Reality Escapers), воведоа нов концепт на градинка на отворено за прв пат во Македонија (во Штип) (Камп) и многу други успешни приказни.
Поради успехот и препознаениот потенцијал на социјалната економија за развој на регионот, проектот Рајс покрај изминатите три, ќе работи со младите и во наредните три години преку јакнење на нивните капацитети и вмрежување.
Проектот Рајс е предводен од конзорциум составен од Регионалната канцеларија за младинска соработка (RYCO), ГРУПА СОС Пулс (SOS Pulse Group), Мрежа за млади на Југоисточна Европа (SEEYN), и Француско-германската канцеларија за млади (ОFAJ), а имплементиран од шест локални инкубатори – АРНО (Македонија), Балканска Зелена Фондација (Косово), Нешто више (Босна и Херцеговина), Смарт Колектив (Србија), ИЕЦ Технополис (Црна Гора) и Социјален Бизнис ЈУНУС (Албанија). Проектот е ко-финансиран од Француската агенција за развој (АFD), Регионалната канцеларија за младинска соработка (RYCO) и Еразмус + програмата на Европската Унија.