Неколку црногорски училишта и градинки утрово добиле информации за наводно поставени бомби. Заканите, како што јавува Радио-телевизија Црна Гора (РТЦГ), пристигнале на електронските адреси на училиштата и градинките.

Црногорското Министерство за образование соопшти дека наставата за учениците денеска ќе се одржува онлајн, а се откажуваат и екстерните испити за полуматурантите.

Од полициската управа за РТЦГ информирале дека пријави за бомби пристигнале на вкупно 135 адреси и дека се преземаат сите активности во надлежност на полицијата.

Покрај училиштата и градинките, закани за наводно поставени канистери со отровен нервен гас со детонаторни направи во Подгорица, Бар, Будва и Котор добиле и црногорското Министерство за внатрешни работи, Управата на полицијата, Агенцијата за национална безбедност и некои медиуми.

Закани за бомби и вчера добија неколку црногорски училишта, како и Собранието, Вишиот суд и општините. Настава не се одржувала, а зградите биле веднаш евакуирани. Полицијата утврдила дека сите пријави се лажни.

Новиот наплив на дојави за бомби во Црна Гора доаѓа пред одржувањето на парламентарните избори кои се закажани за в недела (11 јуни).

Изминативе седмици лажни дојави за бомби во училиштата и институциите повторно имаше и во Србија, а интересен е податокот дека ваквата форма на хибридни закани се случуваше и во Бугарија пред одржувањето на тамошните парламентарни избори во март годинава.