Четворица кандидати за ректор на Тетовскиот универзитет

Гласањето е предвидено да се одржи на 21 јуни од 12 до 14 часот, а резултатите се очекува да бидат објавени до крај на истиот ден. Според статутот на УТ, ректорот ја презема функцијата на почетокот на академската година

Фото: Фисник Џелили, Порталб.мк

Пријавувањето на Конкурсот за ректор на Универзитетот во Тетово (УТ) за мандатниот период 2023-2026 година заврши. Од Универзитетот во Тетово за Порталб.мк потврдија дека во трката за ректор во моментов учествуваат четворица професори, но без да ги откријат нивните имиња.

Иако од Тетовскиот универзитет официјално не ги откриваат имињата на кандидатите, Порталб.мк го обезбеди документот – одлуката за списокот на кандидати за ректор на овие избори, и тие се: Јусуф Зејнели – актуелниот декан на Правен факултет, Муќиреме Руси од Филозофскиот факултет, Башким Зибери од Природно-математичкиот факултет и Дервиш Алими од Филолошкиот факултет.

На прашањето за овој список, од Тетовскиот универзитет ниту демантираа, ниту потврдија. Според календарот на активностите за избор на ректор, на 14 јуни се очекува УТ официјално да ги објави имињата, биографиите на кандидатите и програмите за работа.

Гласањето е предвидено да се одржи на 21 јуни од 12 до 14 часот, а резултатите се очекува да бидат објавени до крај на истиот ден. Според статутот на УТ, ректорот ја презема функцијата на почетокот на академската година.

Во врска со овој случај реагираше претседателот на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари, кој го повика министерот за образование Јетон Шаќири да го спроведе законот, а како резултат на флагрантните прекршувања да назначи нов в.д. ректор, политички непристрасен, со кредибилитет и наставно-научно искуство.

„Неговите одлуки треба да се засноваат на наодите на просветниот инспекторат како што налага законот, а не на оние кои со години го кршат. Го предупредувам министерот дека застанувањето на страната на прекршителите на законот може да има правни последици за него. Штета е што во 2023 година, кога поминале речиси 29 години од формирањето, УТ продолжува да дејствува надвор од законот“, рече Aрбен Таравари.

Министерот Jeтон Шаќири пред два дена во Тетово прашан околу тоа дали ќе преземе некакви мерки за санкционирање во однос на констатираните прекршувања во УТ од страна на Просветниот инспекторат, одговори:

„Не можам да одлучувам сè додека немаме конечна одлука барем на еден судски орган. Апелирам до сите, Универзитетот во Тетово да спроведе демократски натпревар во изборниот процес, студентите и новинарите да бидат набљудувачи на овие избори, истите да бидат во согласност со законските правила“.

Од друга страна, колку е демократски процесот на избор на нов ректор на УТ во споредба со конкурсот што неодамна се објави за избор на ректор на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“, од Форумот за образовни промени за Порталб.мк истакнаа дека УКИМ покажа еден нов стандард на политичка култура на ректорските избори кој претходно недостигаше, со организирање дебати меѓу кандидатите за промовирање на платформите за да се што е можно подостапни и за студентите и за пошироката јавност.

„УТ веќе неколку години е како во средниот век: затворен за јавното мислење и со многу неправилности во неговото работење. Самиот факт што на УКИМ има 6 кандидати за ректор, а на УТ кој било интелектуалец и професор се плаши да се кандидира, зборува јасно за тоталитарната состојба на универзитетот. На крај ќе имаме еден пост фестум изборен процес за избор на ректор, во кој во име на демократијата некој ќе биде жртвуван“, рекоа  од Форумот за образовни промени.

Овој конкурс беше вториот кој беше објавен во рок од две недели. Претходниот конкурс беше поништен бидејќи имаше дополнителни критериуми за заинтересираните кандидати. Поточно, се бараше заинтересираните кандидати да имаат 15 години работен стаж, но овој критериум не е предвиден ниту во Законот за високо образование, ниту во самиот Статут на овој универзитет, и за некои беше поволен, но за други дискриминаторски. Овој критериум не беше воспоставен на ниту еден конкурс од други јавни универзитети. Ова, како и други прекршувања биле констатирани и при инспекцијата на Државниот просветен инспекторат во УТ.

Новиот конкурс не го содржи овој елемент.

Овој конкурс требаше да заврши пред две години. Меѓутоа, во 2021 година конкурсот не беше објавен. За вршител на должноста ректор беше назначен Решат Ќаили, но додека беше на оваа функција тој шест месеци не распишал конкурс за ректор. По него, во мај 2022 година, како вршител на должност беше назначен Вулнет Амети, кој не го објави конкурсот во предвидените 30 дена како што налага законот. Во ноември 2022 година, на оваа функција како вршител на должноста ректор дојде Kуштрим Ахмети, кој исто така не објави оглас за избор на ректор во рок од 30 дена. Овие прекршувања ги констатирал и Државниот просветен инспекторат.

Измислен дополнителен критериум – поништен конкурсот за ректор на Тетовскиот универзитет