fbpx

Измислен дополнителен критериум – поништен конкурсот за ректор на Тетовскиот универзитет

И покрај ова, од Универзитетот велат дека поништувањето на конкурсот е направено за да може постапката да се спроведе без притисоци од јавноста и трети страни, кои според овој универзитет го оцрнуваат процесот и имаат „заткулисни намери“

-

Десет дена по распишувањето, се поништи јавниот конкурс за избор на ректор на Универзитетот во Тетово (УТ). Ова се случи откако јавноста дозна за прекршувањата направени на овој конкурс во врска со поставувањето на дополнителните фаворизирачки/дискриминаторски критериуми кои не се предвидени во Законот за високо образование, а ниту пак во Статутот на самиот Универзитет. Прекршувањата се констатирани и од страна на Државниот просветен инспекторат. Но и покрај ова, од УТ велат дека поништувањето на конкурсот е направено за да може постапката да се спроведе без притисоци од јавноста и трети страни, кои според овој универзитет го оцрнуваат процесот и имаат заткулисни намери. Порталб.мк ги пренесува деталите за тоа што се случувало од распишувањето на конкурсот, па сè до поништувањето на истиот и понатамошните чекори.

Универзитетот распиша конкурс за избор на ректор прекршувајќи го законот и со фаворизирачки критериуми

На 18 мај 2023 година Универзитетот во Тетово распиша јавен оглас за избор на ректор на овој универзитет за мандатниот период 2023-2026 година.

Освен двата критериума предвидени со Законот за високо образование и Статутот на овој универзитет, според кои кандидатите за ректор треба да се државјани на Република Северна Македонија и да се редовни професори, УТ поставил и дополнителен услов според кој кандидатите за ректор мора да имаат најмалку 15 години работно искуство како образовен кадар.

Овој дополнителен критериум е во спротивност со Законот за високо образование, а во Статутот на УТ воопшто и не е предвиден. Овој критериум за некои кандидати е фаворизирачки, а за други е дискриминаторен.

Во Законот за високо образование во член 97, став 3 се вели дека „ректорот се избира од редовите на редовните професори со распишување на јавен оглас“.

Во меѓувреме, во член 13 од овој закон се вели дека „постапката за избор на ректор е уредена со Статутот на универзитетот“.

Во Статутот на УТ во член 99, став 3 се вели дека „ректорот се избира од редот на редовните професори со распишување на јавен оглас “, без притоа да се нагласат некои дополнителни критериуми.

Додека во член 103 од Статутот стои дека „изборот на ректор се врши врз основа на критериумите дефинирани со Законот за високо образование“.

Од Универзитетот во Тетово образложија дека дополнителниот критериум е поставен од Сенатот на Универзитетот со автономно право да одлучува врз основа на автономните надлежности на универзитетот во самостојното одлучување.

Но, тоа го одредува Законот за високо образование, кој ја регулира и автономијата.

Конкретно, во член 9, став 4 од Законот за високо образование се вели дека „автономијата во управувањето со високообразовните установи се изразува со избор, именување и отповикување на органи во согласност со законот, статутот и другите општи акти“.

Истото е наведено и во член 9, став 4 од Статутот на УТ. Поконкретно: „Автономијата во управувањето со високообразовните установи се изразува со избор, именување и отповикување на органи во согласност со законот, статутот и другите општи акти“.

Порталб.мк ги разгледа последните конкурси за ректор на државните универзитети во земјава, „Св. Кирил и Методиј”, „Мајка Терезa”, „Св. Климент Охридски” и јавно-приватниот Универзитет на Југоисточна Европа (УЈИЕ). Во ниту еден конкурс не фигурираше таков дополнителен критериум, освен двата главни критериума според кои кандидатот треба да е државјанин на земјава и да е редовен професор.

Форумот за промени во образованието уште од почетокот предупредуваше дека конкурсот е противзаконски

Бленди Ходаи, директор на Форумот за образовни промени, минатата недела за Порталб.мк изјави дека ги следат процедурите за избор на ректор и на двата универзитета, – „Св. Кирил и Методиј“ и „Универзитетот во Тетово“. Тој нагласи дека овој дополнителен критериум утврден во конкурсот за ректор на УТ е противзаконски.

„Конкурсот за ректор на УТ е контрадикторен со Законот за високо образование и Статутот на универзитетот. Сличните критериуми се тенденциозни и имаат за цел да им оневозможат на други заинтересирани страни да се кандидираат за ректорската функција. Универзитетите не се законодавни и легислативни институции, односно не можат да носат правни норми, туку само треба да ги почитуваат истите“, рече Ходаи.

Изборите за ректор, според него, се многу важен дел што ја диктира иднината на универзитетите, бидејќи истите имаат посебна улога во функционирањето на универзитетите и квалитетот на образованието.

„УТ веќе неколку години е како во средниот век: затворен за јавното мислење и со многу неправилности во неговото работење. Самиот факт што во УКИМ има 6 кандидати за ректор, а во УТ кој било интелектуалец и професор се плаши да се кандидира, зборува јасно за тоталитарната состојба на универзитетот. На крај ќе имаме еден пост фестум изборен процес за избор на ректор, во кој на име на демократијата некој ќе биде жртвуван“, рече Ходаи.

Државниот просветен инспекторат извршил вонреден надзор и констатирал прекршувања

Од Државниот просветен инспекторат за Порталб.мк соопштија дека на 22 мај годинава извршиле вонреден инспекциски надзор во однос на сомнежите за неправилности при изборот на ректор на Државниот универзитет во Тетово.

„По однос на констатираните неправилности од вонредниот инспекциски надзор, согласно нашите законски овластувања, известена е надлежната институција за понатамошно постапување. Записник за констатираните неправилности од вонредниот инспекциски надзор за избор на ректор на Државниот универзитет во Тетово, согласно законските овластувања на Државниот инспекторат за образование, е доставен и до министерот за образование и наука за известување, надлежност и постапување, согласно член 202 и 203 од Законот за високо образование“, соопштија од Државниот просветен инспекторат.

Во извештајот на Државниот просветен инспекторат во однос на критериумот за 15-годишно работно искуство на кандидатите, наведено е оти е „утврдено дека во Законот за високо образование и Статутот на универзитетот никаде не стои дека кандидатот треба да има најмалку 15 години работно искуство како кадар“.

Покрај во последниот конкурс, констатирани се и други прекршувања

Во меѓувреме, констатирани се и други прекршувања во врска со распишувањето на конкурсите за ректори од страна на вршителите на должност – поконкретно – тројца вршители на должност не покренале постапка во рок од 30 дена од нивното именување, а ниту сенатот не покренал постапка во рок од 30 дена.

„Утврдено е дека не е испочитуван член 100, став 3 и 4 од Законот за високо образование“.

Во став 4 од членот 100 на овој закон се вели:

Најдоцна 30 дена од денот на изборот на вршителот на должноста ректор од ставот (2) на овој член, се покренува постапка за избор на ректор.“

Овој конкурс требало да заврши пред две години. Меѓутоа, во 2021 година конкурсот не беше објавен. За вршител на должноста ректор беше назначен Решат Ќаили, но додека беше на оваа функција тој шест месеци не распишал конкурс за ректор. По него, во мај 2022 година, како вршител на должност беше назначен Вулнет Амети, кој не го објави конкурсот во предвидените 30 дена како што налага законот. Во ноември 2022 година, на оваа функција како вршител на должноста ректор дојде Kуштрим Ахмети, кој исто така не објави оглас за избор на ректор во рок од 30 дена.

Конкурсот се поништи, ќе се распише нов конкурс

После сето ова УТ реши да го поништи конкурсот со образложение дека трети страни го оцрнуваат институционалниот интегритет и имаат заткулисни намери.

Иако конкурсот требаше да заврши вчера, тој беше поништен. Ќе се распише нов конкурс кој нема да има фаворизирачки и дискриминаторни критериуми како претходниот, туку „дословно“ ќе се придржува до Законот за високо образование.

„Сенатот на Универзитетот во Тетово на 29 мај 2023 година одржа седница и донесе одлука за поништување на јавниот конкурс за избор на ректор објавен на 18.5.2023 година и донесе одлука за распишување нов конкурс за избор на ректор на Универзитетот во Тетово за мандатниот период 2023-2026 година. Причините поради кои е донесена ваквата одлука се само поради тоа што постапката за избор на ректор мора да се одвива без притисок од јавноста и трети лица, со што се оцрнува институционалниот интегритет на Универзитетот и се остава простор за заткулисни цели“, информираат од Универзитетот во Тетово.

Оттаму потенцираа дека Сенатот има уставно, законско и статутарно право на автономија при донесување одлуки за избор на ректор, во овој случај тоа е јасно дефинирано со член 9 став (4) од Законот за високо образование и член 9 став (4) од Статутот на Универзитетот во Тетово, и поради горенаведената причина, одлучено е критериумите што ќе бидат содржани во новиот јавен конкурс да бидат само оние што се цитирани дословно во законот.

Автономијата е дефинирана во Законот за високо образование, како и во Статутот на УТ.

Порталб.мк се обрати и до Министерството за образование и наука во врска со овој случај и за понатамошните дејствија од нивна страна, и конкретно до министерот Јетон Шаири, а од таму го добивме следниот одговор:

„Според информациите кои ги добивме од Универзитетот во Тетово, претходниот конкурс за ректор на Универзитетот од Тетово е поништен, а ние како министерство, како и за другите универзитети, така и во УТ, нема да влијаеме врз процесот на избор на новиот ректор. Што се донесува до Државниот просветен инспекторат, тие се и ќе бидат во постојан контакт со Универзитетот во Тетово, ќе го следат секое дејствие од страна на Универзитетот за да се овозможи еден праведен процес и да се испочитуваат сите законски одредби“.

Инаку, најголемиот универзитет во земјава „Свети Кирил и Методиј“ денес го избра новиот ректор – Биљана Ангелова. Во трката за ова место учествуваа шест кандидати.  Мандатот на Ангелова ќе трае од 16 септември 2023 година до 15 септември 2026 година.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...