fbpx

Петличковски: Кај 26 позитивни медиумски работници инфекцијата на ковид-19 е акутна

-

Од вкупно 504 новинари и медиумски работници, колку што се опфатени досега со скринингот за тестирање за ковид-19, 26 од тестираните имаат позитивен резултат. Со оглед на тоа што за ова тестирање не требаше да се имаат симптоми за да истото биде извршено, туку беше дел од сеопфатен скрининг на вработените во редакциите, ова покажува дека добар дел од позитивните случаи, немале симптоми на вирусот.

Д-р Александар Петличковски, директор на Институтот за имунобиологија и хумана генетика, каде што се тестираат медиумските работници, објаснува дека со  серолошките тестови се испитува концентрација на двата вида антитела (ИГГ и ИГМ).

– Дваесет и шестмината позитивни медиумски работници, се всушност ИГМ позитивни и кај нив инфекцијата е акутна. Таа се случила најмалку седум дена пред тестот, зашто тоа е временскиот период кој е потребен тие антитела да се создадат. После 45 недели ИГМ исчезнуваат и на нивно место доаѓаат ИГГ антителата и остануваат. Кај тројца од медиумските работници имаше и ИГМ и ИГГ антитела, а тоа значи дека поминале две недели од инфекцијата и сега се менува содржината на антителата, односно ИГГ расте. ИГМ позитивните лица, можно е да се инфективни, односно заразни по околината, па затоа тие се препраќаат на ПСР тест, кој покажува присуство на вирусот на моментот. Ако некој има ИГМ антитела, значи дека можно е уште да се бори, па со ПЦР се осигуруваме дали е заразен или не – вели д-р Петличковски.

Овие 26 позитивни медиумски работници се итно испратени на ПЦР тест, а додека не дојдат резултатите, тие треба да бидат особено внимателни, предупредува Петличковски.

– Контактите треба да ги сведат на минимум, а после тестот, бидејќи се потенцијално заразни, тие треба да одат на изолација. Ако, пак, се позитивни за ИГГ, тие може да се однесуваат нормално. А оние ИГМ позитивните, треба да расчистат со ПСР тест – појаснува докторот.

Сепак, микробиолозите предупредуваат дека треба да се има предвид веројатноста дека можно е овие резултати да се лажно позитивни.

Проф. д-р Никола Пановски вели дека секогаш треба да се има предвид фактот дека може тестот да покажал позитивен резултат, а пациентот да излезе дека не бил воопшто никогаш инфициран.

– ИГМ тестот може да значи дека пациентот сè уште има инфекција или декa ако имал, имал пред еден месец или два. ИГГ може да остане високо и подолго време, но она што треба да се знае е дека тестовите може и да се лажно позитивни, а вистински пациентот да излезе на крајот дека не бил воопшто инфициран. Значи реално може да се случи да не бил никогаш во контакт со заразено лице, а резултатот да му е позитивен. Ова е така затоа што тестовите 95 отсто се точни, но 5 посто не – објаснува проф. Пановски.

Според него, најверојатно позитивните се асимптоматски случаи.

– Мене сето ова не ме чуди, без разлика на тоа што може да се лажно позитивни случаи. Ако се ИГГ позитивни, сметам дека треба да се однесуваат нормално, како и досега, да се однесуваат како да се негативни. Целиот проблем кај нас во државата се смртните случаи, затоа се и вакви мерките. Да не се тие, ќе сме послободни генерално околу ситуацијава со вирусот – смета професорот.

Според неговите пресметки, 75.000 луѓе во државата досега имале контакт со вирусот.

Медиумските работници се тестираат во Институтот за имунологија и хумана генетика, откако Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и министерот за здравство Венко Филипче, се договорија да се направи скрининг на новинарите. Со земен примерок од крв од вена, се открива кој веќе бил инфициран со ковид-19, односно се покажува дали има специфични антитела, имуноглобулини кои се создале во телото против вирусот.

Извршниот директор на ЗНМ, Драган Секуловски, за „Мета“ информира дека во завршна фаза е првиот круг на скрининг на новинари и медиумски работници од поголемите редакции.

– Ние од денеска контактиравме со повеќе онлајн медиуми, кои имаат ангажирано помал број вработени во редакциите. Им ги даваме потребните информации за да се обратат во Институтот и да си закажат тестирање – вели Секуловски.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Борел и Вархеји: Изборите беа демократски спроведени

Во заедничка изјава, потпретседателот на Европската комисија и висок претставник на Европска Унија за надворешни работи и безбедносна политика Жозеп Борел и еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји го поздравуваат...