Сумата за редовна исплата на пензиите значајно ќе расте следните две години, а ќе се зголемува и бројот на пензионери. По увидот во новиот Стратегиски план 2020 – 2022 година на државниот Фонд за пензиско и инвалидско осигурување „Порталб.мк“ објавува дека проекциите укажуваат на тоа дека во 2022 година за редовна исплата на пензии ќе бидат потребни повеќе од една милијарда евра.
Во 2022 година во споредба со годинава, прогнозите на ПИОМ покажуваат дека во земјава бројот на пензионери ќе се зголеми за нови 10.153 нови корисници на пензија. Стратегискиот план 2020-2022 што ги содржи проекциите за бројот на пензионери и сумата потребна за редовна исплата на пензии, укажува на нагорен тренд на бројот на нови корисници на пензија.
Ќе расте бројот на пензионери, ќе растат и расходите на државниот фонд кој е зависен од парите на Централниот буџет – без чии трансфери не може да исплати пензии. Податоците покажуваат дека менаџментот на ПИОМ проектира раст на расходите за пензии, кон приватните пензиски фондови, за плати и надместоци на вработени. Конкретно, годинава според Стратегискиот план, само за исплата на пензии на ПИОМ му се потребни 946 милиони евра. Оваа сума се зголемува следната година на ниво од 980 милиони евра, а во 2022 година надминува една милијарда и 20 милиони евра.
Заклучно со првото економско полугодие, во земјава имало 324.518 пензионери, најголем дел од нив или 206.421 примаат пензија од 11.863 денари до 39.356 а само мал дел, односно 2.587 пензионери имаат месечна пензија од 39.356 денари до дури 53.371 денари.
На крајот од 2019 година, во земјава имало 322.704 пензионери додека во државната фондовска каса придонеси плаќале 581.405 осигуреници што значи дека на еден корисник на пензија имало 1,8 вработени кои плаќале придонеси.
Одржливоста на државниот пензиски фонд стана хроничен проблем кој се заостри во 2007 година по реформата во пензискиот систем и воведувањето на вториот пензиски столб, а потоа и со намалувањето на даночните стапки, конкретно во 2019 придонесот за пензиско осигурување изнесуваше 21,2 отсто, а во 2010 се намали на 18 отсто. Следуваа години на даночни ослободувања од придонеси за одделни категории на вработени, што дополнително ги затвори вентилите за финансирање на државниот ПИОМ. Оваа состојба ја нотираа и ревизорите во еден од последните извештаи со кои под лупа се стави состојбата во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување.