fbpx

Објава манипулира со непостоечки „душмански напад“ врз православието

Ситуациите во Русија, Македонија и Србија се неповрзани една со друга и се различни историски. Тие не може да се поврзат на ниеден начин со православието или атак кон православието од кого било. На пример, мнозинството граѓани и на Русија и на Украина се православни, па, сепак, Русија ја нападна Украина

-

Ниту Македонија, ниту Русија, ниту Србија не се нападнати, како што дезинформираа оваа објава на фејсбук. Русија ја нападна Украина, Македонија има спор со Бугарија, а Србија проблем со Косово. Трите состојби во трите држави се засебни, конкретни и не може да се влече паралела дека некој однадвор ги инструира или ги предизвикува тие состојби, особено не за да го уништи православието, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

Се ова што се случува со нападот против Русија, Македонија и Србија е директен напад на православието од истите душмани.

Во оваа објава се споделуваат неколку митови кои се поврзани со наративот дека надворешен непријател – идентификуван како „Западот“ (иако во оваа објава не е експлицитно именуван, сепак е јасно на кого се алудира), оркестрира напади против православни држави кaкви што се и Русија, С. Македонија и Србија.

Но, ситуациите во Русија, Македонија и Србија се неповрзани една со друга и се различни историски. Тие не може да се поврзат на ниеден начин со православието или атак кон православието од кого било. На пример, мнозинството граѓани и на Русија и на Украина се православни, па, сепак, Русија ја нападна Украина. Значи, Русија не е нападната од никого. Украина е таа која се брани од руската агресија и територијални претензии.

На 24 февруари 2022 година, Русија започна ракетни напади на локации низ цела Украина, вклучително и главниот град Киев. Руски копнени сили влегоа на украинска територија, по што претседателот на Украина, Володимир Зеленски одговори со воведување на воена состојба, прекин на дипломатските односи со Русија и општа мобилизација. Оваа инвазија е најголемиот напад во Европа после Втората светска војна и е предмет на широка меѓународна осуда, како и санкции против Русија. Во бројни наврати, дипломати и политичари од целиот свет повикуваа да сопре воената агресија од страна на Русија, која во ситуацијата е напаѓачот, но безуспешно.

НАТО излезе со официјален став со кој им се спротистави на руските дезинформациски наративи за оправдување на својата воена агресија, напоменувајќи дека НАТО е одбранбена алијанса и дека не претставува никаква закана за Русија.

НАТО е одбранбена алијанса чија цел е да ги заштити своите членови. Нашата официјална политика е дека НАТО не бара конфронтација и не претставува закана за Руската Федерација. НАТО не ја нападна Грузија, не ја нападна Украина. Русија го направи тоа. НАТО јавно и конзистентно ѝ пристапи на Русија јавно изминатите 30 години. Работевме заедно на спротиставување на наркотиците и тероризмот, спасување на подморници дури и за време на периодите на проширувањето на НАТО. Но, во 2014 година, како одговор на руските агресивни акции против Украина, НАТО ја суспендираше практичната соработка со Русија. Не бараме конфронтација, но не можеме да го игнорираме тоа што Русија ги крши интернационалните правила, ја поткопува нашата стабилност и безбедност. Како одговор на користењето на воена сила од страна на Русија кон Украина, НАТО испрати четири повеќенационални групи во Балтичките Земји и во Полска во 2016 година. Пред руското нелегално анјектирање на Крим немаше сојузнички трупи во источниот дел на Алијансата. Како одговор на руската целосна инвазија на Украина во 2022 година, НАТО значително ја зајакна својата позиција на одбрана, вклучително со четири нови групи во источниот дел на Алијансата. На НАТО самитот во Мадрид, сојузниците се согласија дека Русија е најзначајната и директна закана за нивната безбедност и за мирот и стабилноста во Евроатлантската област, наведуваат од НАТО.

Во Македонија, исто така, нема никакви напади од воена природа. Неодамна, после случувањата во Косово, владата соопшти дека состојбата во земјава е стабилна без никакви индикации за можни нарушувања и сите институции задолжени за безбедноста се максимално будни.

Врз основа на информациите кои се споделени меѓу безбедносно разузнавачките служби во Македонија како и информациите добиени од службите на нашите сојузници во НАТО алијансата, ве информираме дека не постојат индиции кои укажуваат на нарушување на безбедноста во Македонија. Безбедносната состојба во државата, во корелација со случувања на Косово е стабилна, без никакви индикации за можни нарушувања, сите институции задолжени за безбедноста се максимално будни. Ги осудуваме настаните кои се случија денес и даваме целосна поддршка на КФОР за сите идни активности кои се во насока на гарантирање на мирот и стабилноста во Косово и регионот, соопштија од Владата.

Истовремено  апелираа за продолжување на дијалогот и решавање на сите отворени прашања на мирен и демократски начин во функција на напредок, подобра иднина и подобар животен стандард за граѓаните.

Милан Радоичиќ, преку медиумите презема одговорност за вооружениот напад врз полицијата на Косово во селото Бањска на 24 септември. Нему му е одземен пасошот, а судот во Белград на 4 октомври му го укина притворот. Косово го карактеризира нападот како терористички акт и обид за рушење на уставниот поредок. Во нападот е убиен полицаецот Африм Буњаку. Потоа, во размена на оган убиени се тројца напаѓачи од српска националност. Но, Србија не го признава Косово ниту косовските институции и кривичните дела ги квалификува поинаку отколку Приштина. Меѓу делата кои му се ставаат на товар во Србија нема тероризам ниту убиство на косовскиот полицаец, туку за нелегална набавка на оружје и предизвикување општа опасност.

Па, иако во објавата што ја рецензираме се наведува дека е нападната Србија, станува збор за напад кој се случи во Косово. Србија не е нападната од никого.

Македонија пак, нема закани за воени напади од никого. Во објавата што ја рецензираме не се наведува конкретно на какви напади се мисли. Но, во последно време предмет на дискусија во јавниот дискурс се односите меѓу Македонија и Бугарија, поради тоа што Скопје и Софија во 2017 година потпишаа Договор за добрососедство, но Бугарија во 2019 година стави вето Северна Македонија да добие датум за почеток на преговорите за членство во ЕУ поради историски, јазичен и идентитески спор. Сепак, и ова нема врска со православието и напад врз него, со оглед на тоа што и во Македонија и во Бугарија најголем дел од популацијата е православна.

Поради сите горенаведени факти оваа објава на Фејсбук ја оценуваме како невистинита. Прво, ниту Македонија, ниту Русија, ниту Србија не се нападнати. Русија ја нападна Украина, Македонија има спор со Бугарија, а Србија проблем со Косово. Трите состојби во трите држави се засебни, конкретни и не може да се влече паралела дека некој однадвор ги инструира или ги предизвикува тие состојби, особено не за да го уништи православието.

hubmk

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Ако се знаеле грешките, тие требало да бидат исправени до изборите

Изјавата на потпретседателката на СДСМ, Сања Лукаревска, иако искрена и можеби вистинита за тоа каде се лоцирани грешките во СДСМ за лошиот резултат, сепак е недоследна. И од аспект...