fbpx

Обединетите нации ја обвинија Русија дека спречува пристап до поплавените подрачја во Украина

„Владата на Руската Федерација досега го одби нашето барање за пристап до областите под нејзина привремена воена контрола“, соопшти Дениз Браун, хуманитарен координатор на ОН за Украина

-

Обединетите нации (ОН) ја обвинија Русија дека одбива да дозволи испорака на помош во окупираните области на Украина, кои се погодени од поплавите како резултат на рушењето на браната Каховка, пишува Гардијан. Досега се пријавени 52 загинати лица како резултат на рушењето на браната на реката Днипро, а од украинска и руска страна досега се евакуирани 11.000 лица.

„Владата на Руската Федерација досега го одби нашето барање за пристап до областите под нејзина привремена воена контрола“, соопшти Дениз Браун, хуманитарен координатор на ОН за Украина.

Тој додаде дека ОН ќе продолжат да се ангажираат за да го добијат потребниот пристап и ги повика руските власти да дејствуваат во согласност со нивните обврски според меѓународното хуманитарно право.

„Не може да се одбие помошта на луѓето на кои им е потребна“, вели Браун.

Според податоците на руските власти, досега 35 лица загинале во поплавените области под контрола на Москва, а Министерството за внатрешни работи на Украина соопшти дека 17 загинале, а 31 се водат како исчезнати во населените места под украинска контрола.

Браната Каховка беше разурната на 6 јуни и истата предизвика поплави низ јужна Украина и делови од Херсонската област окупирани од Русија. Тим од меѓународни правни експерти кои им помагаат на украинските обвинители во нивната истрага изјавија дека е „многу веројатно“ оти рушењето на браната е предизвикано од експлозиви поставени од Русија.

Инаку, британското Министерство за одбрана во најновиот разузнавачки извештај посочува оти руската војска „многу веројатно“ почнала да ги преместува војниците од источниот брег на реката Днипро во Бахмут и Запорижја, каде што се водат борби.

Заменик-министерката за одбрана на Украина, Хана Малиар изјави дека како резултат на контраофанзивата на Украина биле ослободени осум населби во изминативе две недели по жестоките борби со руските сили.

Американскиот Институт за проучување на војната посочува дека украинските сили можеби „привремено ги запираат контраофанзивните операции за да ги преиспитаат нивните тактики“. Во најновата проценка за конфликтот на американскиот тинк-тенк се додава дека оперативните паузи се вообичаена карактеристика на големите офанзивни потфати и таа не означува крај на украинската контраофанзива.

Руските ракетирања врз населени места во Украина продолжија и во изминатово деноноќие. Најмалку едно лице загина во гранатирањето на населени места во Донецкиот регион, пренесува Укринформ.

Во Харкивскиот регион биле повредени двајца цивили како резултат на руските ракетирања, а едно лице било повредено во Херсонскиот регион.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Пендаровски и Џафери со честитки по повод 1 Мај – Меѓународниот ден на трудот

Премиерот на преодната Влада, Талат Џафери, како и претседателот Стево Пендаровски, упатија честитка до граѓаните по повод 1 Мај - Меѓународниот ден на трудот. „Како држава, треба секогаш да размислуваме...