Новиот предлог на Нимиц е комбинација на старите идеи

Посредникот на ОН во разговорите за името, Метју Нимиц, денеска во седиштето на ОН, по средбата со македонскиот и грчкиот преговарач, Васко Наумовски и Адамантиос Василакис, најави дека на повидок е решение за спорот за името, со што ќе се стави крај на 27 годишниот спор меѓу Грција и Македонија.

– Имам големи надежи дека овој процес се движи во позитивна насока – рече Нимиц по завршувањето на разговорите со Наумовски и Василакис.

Посредникот на ОН во разговорите за името Метју Нимиц изјави дека на преговарачите им дал нов предлог, кој е всушност нова комбинација од неговите стари идеи и дека очекува тие со нивните влади да го разгледаат.

– Ова е процес што се одвива 25 години и тешко е да измислите нешто ново – рече посредникот.

Тој одби да ја коментира содржината на предлогот и рече дека во следните седмици ќе ги посети Скопје и Атина. Изрази надеж дека лидерите на опозициските партии во Грција и Македонија ќе бидат конструктивни.