fbpx

И невремето во Њујорк во барабанот на заговорничките сценарија на Кју Анон

Невремето, не се случи поради тоа што поддржувачи на Трамп го пуштиле ХААРП-от, како што невистинито се тврди во објавата, туку поради влијанието на климатските промени кои придонесоа во Њујорк за неколку часа да наврне дожд колку за цел месец

-

Силното невреме кое го зафати и поплави Њујорк изминатиот петок, не се случи поради тоа што поддржувачи на Трамп, наводно го пуштиле ХААРП-от за да спасат деца заробени и малтретирани во тунели, како што се тврди во оваа објава, туку поради влијанието на климатските промени. Киднапирањето, чувањето и консумирањето на деца во тунели во Њујорк, како и нивното спасување од страна на Трамп, е една голема невистина која не престанува да циркулира на социјалните мрежи, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

 

Откако пороен дожд го зафати градот Њујорк во САД и ги поплави неговите улици, на социјалните мрежи повторно почнаа да се споделуваат теориите на заговор дека во овој град има тунели во кои се чуваат и малтретираат деца. Таква е и оваа објава на Фејсбук која споделува повеќе од една дезинформација.

Некои од овие стари згради за елитите од Апер Вест Сајд и Горна Ист Сајд се поврзани со тунели и водат до местото каде што децата се држат и затвораат во кафез и малтретирани и консумирани.

Под Централ Парк

Истите деца кои беа спасени минатата година користејќи импровизирани теренски болници потоа доставени до USNS Comfort (Поморски болнички брод)

Оваа недела ние (Сината фракција која користи HARRP/Popaye Technology) бели капи ги преплавивме ДУМБС во кои овие деца беа држени откако дознавме дека повторно се користени за киднапирање и тортура на деца во Њујорк, пишува во објавата.

Во неа се тврди дека невремето кое го зафати Њујорк, всушност го направиле „белите капи“, кои користејќи ХААРП технологија ги поплавиле улиците, а со тоа и тунелите на Њујорк во кои наводно се чуваат киднапирани деца.

„Белите капи“, во светот на Кју Анон, се поддржувачите на поранешниот претседателот на САД, Доналд Трамп во владата, додека оние кои не го поддржуваат се нарекуваат „црни капи“. Припадниците на движењето Кју Анон сметаат дека претседателот Трамп води тајна војна против елитните педофили кои го обожуваат сатаната и се наоѓаат во владата, бизнисот и медиумите. Тие, на социјалните мрежи ширум светот пласираат неверојатни и сосема непоткрепени тврдења и верувања, кои заеднички формираат сет на веќе масовно препознатливи карактеристики на Кју теоријата на заговор, достојни дури и за анализи во најголемите светски медиуми. 

Сега, тие тврдат дека користеле ХААРП за да го предизвикаат невремето во Њујорк, а со тоа и поплавите. Ова е невистина.

Поплавите кои се случија изминатиот петок ги предизвика силно невреме, во кое за помалку од 24 часа во делови на Њујорк наврнаа повеќе од 18 сантиметри дожд, претворајќи ги улиците во реки кои брзо се движат и ги запре патувањата во метрото додека водата течеше во подземните транзитни станици.

Невремето, не се случи поради тоа што поддржувачи на Трамп го пуштиле ХААРП-от, како што невистинито се тврди во објавата, туку поради влијанието на климатските промени кои придонесоа во Њујорк за неколку часа да наврне дожд колку за цел месец.

Нова научна студија покажа дека поради климатските промени типот на бура забележана во петокот во Њујорк, сега е 10-20 отсто повлажна отколку што би била во претходниот век. Научниците нагласуваат дека таквите силни врнежи се симптом на затоплување на планетата, со пожешка атмосфера која може да задржи повеќе влага што потоа се ослободува при поројни дождови.

Поплавувањето, освен поради силното невреме, се случи и бидејќи во Њујорк константно се зголемува нивото на морето, земјиштето тоне поради тежината на градот и поради застарената инфраструктура.

Ова значи дека невремето нема никаква врска со Кју движењето, а нема поврзаност ни со ХААРП кој ниту е, ниту може да биде виновен за климатските промени. ХААРП, е високо фреквентна активна истражувачка програма на поларната светлина кој е заеднички проект од различни партнери: индустријата, американското министерство за одбрана и бројни универзитети ширум САД. Научниците направија лабораторија во Гакони, Аљаска, и инсталираа 180 високофреквентни антени, кои заедно можат да емитираат 3.600 киловати радиобранови на фреквенциите од 2.8 до 10 мегахерци (високфреквентен ранг), што им овозможува на особено чувствителните инструменти да ги измерат физичките процеси кои се одвиваат во тој појас. Поради вградени нови технологии, САД овие антени ги употребуваат и во комуникациите и во особено длабоките делови од морињата или земјата. Но, не е точно тврдењето дека овие антени можат да влијаат врз промените на климата, дека предизвикуваат земјотреси или промени во расположението кај луѓето.

Тврдењето за киднапирање, чување и консумирање деца во тунели во Њујорк, како и нивното спасување од страна на Трамп, исто така е една голема невистина. Теоријата на заговор за адренохром, која е целосно неоснована, ја шират припадниците на движењето Кју Анон кои велат дека претседателот Трамп води тајна војна против елитните педофили кои го обожуваат сатаната и се наоѓаат во владата, бизнисот и медиумите. Според нив, политичарите од длабоката држава и холивудската елита се вклучени во голема мрежа за киднапирање деца која го собира хемиското соединение адренохром од сексуално злоупотребувани деца подложени на сатанистички ритуали. Според информациите кои ги шири Кју Анон, поранешниот претседател Трамп бил регрутиран од највисоките воени генерали да се кандидира за претседател во 2016 година за да го разбие овој криминален заговор и да ги изведе неговите членови пред лицето на правдата. Иако никогаш со докази не е потврдено дека постои некаква пракса да се екстрахира адренохром од деца, сепак наративот не престанува да циркулира на социјалните мрежи.

Исто така, не најдовме ни веродостојни медиумски извештаи или други извори кои може да потврдат дека минатата година деца биле спасени од тунели под Њујорк, како што се тврди во објавата. Такво нешто да беше вистина, тоа ќе беше главна вест во сите медиуми, особено затоа што објавата тврди дека ова се случувало во Њујорк, кој е еден од најголемите, најпознатите и најпосетените градови во светот.

Во објавата се тврди и дека децата биле спасени минатата година користејќи импровизирани теренски болници. Таква болница прикажана е на последната фотографијаа од оваа објава. Но, таа фотографија е снимена 16 април 2020 година во Њујорк и претставува теренска болница во Централ Парк во Њујорк за третирање на заболени од коронавирусот. Оваа модуларна градба нема никаква врска со наводно спасени деца од тунели во Њујорк.

Дополнително, нема никаква потврда и докази дека USNS Comfort бил користен за спасување на овие деца. USNS Comfort e најголемиот болнички брод во светот со повеќе од 700 лица медицински персонал, 5.000 единици крв и 12 операциони сали, и е еден од најголемите трауматолошки установи во САД. Доколку овој брод бил навистина искористен за спасување деца на територија на САД, тоа немаше да остане никаква тајна во медиумскиот простор.

Според сите наведени факти, заклучуваме дека оваа објава споделува повеќе дезинформации и со тоа ги измамува корисниците на социјалните мрежи.

hubmk

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Дебар Маало го прослави роденденот на Горан Стефановски

Во чест на роденденот најпознатиот македонски драматург, во Дебар Маало денеска повторно се слушаше гласот на Горан Стефановски преку неговите аудио драми кои ги пушташе платформата „Самоглас“. На настанот организиран...