Продолжен рокот за доставување пријави за признанието „Успешни млади“

Признанието се доделува во насока на вреднување на трудот и знаењето на младите, како една од политиките за намалување на одливот на млади луѓе од нашата земја, како и создавање на перспективи за младите и успешни кадри

фото: Кабинет на Претседателот на Република Северна Македонија

Рокот за доставување пријави за признанието „Успешни млади“ за 2022 година е продолжен до 20 октомври, соопштија од Кабинетот на Претседателот на Република Северна Македонија.

Признанието се доделува во насока на вреднување на трудот и знаењето на младите, како една од политиките за намалување на одливот на млади луѓе од нашата земја, како и создавање на перспективи за младите и успешни кадри.

Признанието е поттик на научноистражувачката мисла и уметничката работа на младите, за резултати постигнати во текот на минатата година во осум категории: Најдобар/а млад/а научник/чка во општествените науки, Најдобар/а млад/а научник/чка во хуманистичките науки, Најдобар/а млад/а научник/чка во природно-математичките и техничките науки, Најдобар/а  млад/а  научник/чка во медицинските науки, Најдобар/а млад/а иноватор/ка, Млад талент (за ученици и ученички од средните училишта), Признание за постигнат особен успех и за афирмација на инклузијата (за млади со попреченост) и Најдобар/а млад/а уметник/чка.

Повикот ги опфаќа сите лица што заклучно со 2022 година навршуваат 35 години, а кои постигнале значајни резултати во соодветната категорија, освен за шестата категорија – млад талент – за која можат да се пријават само ученици и ученички од средните училишта.

Повеќе информации и јавниот повик може да се најдат на интернет-страницата на Претседателот на Република Северна Македонија на македонски, албански и англиски јазик.